ПРЕЗЕНТИРАН ОПЕРАТИВНИОТ ПЛАН ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ЗА 2025 ГОДИНА ВО БИТОЛА
Во „Кино Манаки“ во Битола, денес пред јавноста беа претставени мерките и активностите кои произлегуваат од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година. На настанот присуствуваа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, претставници од соседните општини, Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото.
На инфо денот со активните мерки имаа можност да се запознаат стопанските комори, здруженија на занаетчии, здруженија на млади и сите граѓани кои сакаа подетално да се информираат за Оперативниот план за вработување и останатите мерки на Министерството за економија и труд.
Во моментот објавени се три повици од Оперативниот план од мерката за самовработување и тоа: самовработување за млади до 29 години, самовработување на лица над 29 години и самовработување преку здружување на две лица во ДОО.
Повиците се отворени до 20.06.2025 година.
„Oвој оперативен план за вработување за 2025год. е од историска важност и до сега е најобемен. Планот опфаќа 2,5 милијарди денари или околу 40 милиони евра и ги опфаќа сите категории на невработени лица. Овој оперативен план е поголем за цели 7,5 милиони евра од претходната година. Веќе е објавен огласот за најпопуларната мерка кај младите, мерката за самовработување, која опфаќа 1750 луѓе. Фокусот на овој план е да се стави акцент на вработување на младите луѓе, со цел да се намали нивниот одлив надвор од државата. Мерките на самовработување се однесуваат на:
- Млади до 29 години кои имаат можност да искористат 10 илјади евра, 4 илјади евра повеќе од претходниот пат
- Млади над 29 години кои имаат можност да искористат 7 илјади евра или илјада евра повеќе од претходниот пат
Има и други мерки кои се однесуваат на млади брачни парови кои би живееле на село , но во моментот фокусот е на мерката на самовработување “, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Градоначалникот Коњановски нагласи дека и овие мерки се во насока на заложбите на општината за создавање подобри услови за граѓаните.
„Ова е во иста насока со тоа што го прави и презема локалната самоуправа, бидејќи фокус на нашето целокупно делување е да ги задржиме младите, посебно кога овие трендови, пред се на економска емиграција се многу изразени во регионот и државата. Како локална самоуправа правиме се да ги поддржиме и да овозможиме услови, преку инфраструктурата која ја работиме, спортот, локалниот младински совет, локалниот волонтерски совет, она што заедно со УКЛО трета година по ред го спроведуваме – практикантството за млади студенти на кои им се дава можност во локалната самоуправа и јавните установи да имаат платено практикантство од еден месец, да ја запознаат работата и зошто да не, некои од нив да добијат можност својот работен век да го продолжат во некоја од институциите“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Весна Пешова, в.д заменик директор на Агенцијата за вработување, нагласи дека оперативниот план за вработување е еден од клучните документи кој ја изразува заложбата за инклузивен и развоен пазар на труд. Младите се во фокусот на планот со застапеност од минимум 40% активни мерки, а опфатени се и други невработени лица.
Наскоро по утврден план и динамика ќе бидат објавени и другите огласи по утврден план и динамика, а за дополнителни информации, сите граѓани може да се обратат во центрите за вработување или да се информираат преку веб страната на Агенцијата на следниот линк: