Пишува: Александар Литовски
Кој тоа тепа, измачува, коле, војува, денес? Последниве месеци, години, децении? Кои се, веќе половина век, убијците, коцкарите, блудниците, валканата солдатеска, толпата платеници, булументата „кучиња на војната“, бандата опустошувачи, дружбата што му се наметнала на човештвото како толпа професионалци на смртта? Кој „уценува глави“, во овој дваесет и први век и како тоа е цивилизациски доблесен чин кој неолибералните идеопоклоници не го осудуваат? Или, нивниот суд зависи од тоа која глава е уценета? Кога луѓето ќе сфатат дека кражбите, кривоклетствата, измамите, насилствата, бандитизмот станале идеали на цели буржоаски, ситнобуржоаски и лумпенпролетерски, поколенија и кога ќе ги дерогираат? Кога луѓето ќе станат свесни дека се „осудени“ да живеат во едeн ѕверски милитаризиран свет кој може да го снема со еден притисок на копче? Кога ќе разберат дека човештвото живее во проклетиот круг на капиталистичката еколошка или воена безизлезност? До кога ќе бидат неказнети меѓународните злосторства од сите војни за дисциплинирање непослушни „режими“, војни во кои беа предизвикани безброј цивилни жртви, дури и деца и болни во болници, како „колатерална штета“? Впрочем, каква е тоа идиотска формулација „колатерална штета“ и кој ја измисли и му ја „продаде“ на светот? До кога ќе владее во меѓународната политика „законот на посилниот“, а не правото и правдата?
Тиранијата на профитот, таа изобличена тоталитарна мисла на неолиберализмот, која сè претворила во измама, насилство и тиранија, во облик на мрачно привидение доаѓа од конференциските сали во Брисел и Лондон, и од нуклеарните тунели во Вашингтон и Москва. Или, поправо кажано, од криминалните подземја кои се обидуваат да контролираат сè на овој свет. И кои од таа контрола, дебело заработуваат, секако. Оттаму, залудно е да се ламентира и мудрува врз несреќата на човештвото, заради тоа што на секој просечно разумен и неолиберално неиндоктриниран човек му е јасен виновникот за она што му се случува на светот.
Луѓето во денешно време се гонети од фуриите на парите, па системот ги претворил во диви ѕверови кои војуваат меѓу себе, се касаат и гризат, се удираат и колат... А, најкрвожедни и најодвратни од тие ѕверки се интелектуалните кучиња чувари, кои, сега, во време на обновениот танц на фашизоидните воени сеништа, започнаа да ја играат улогата и на безмилосни неолиберални воини. Во тоа клопче од илијадници квазиуметници, квазиуниверзитетски професори, квазиакадемици, квазиновинари и вистински тајкуни, меѓу таа пропагандна орда од интелектуални безморални разбојници кои ги „колат“ сите кои ќе се осмелат да кажат нешто непријатно за суровиот светски експлоататорски систем, во таквата лудница да се игра улогата на критичар на војната и неолиберализмот, е крајно опасно, ризично и неисплатливо.
Впрочем, денес сите гледаме дека правоверните неолиберални фанатици, френетично врескаат со пена на устата, околу олтарот на светиот профит, и се закануваат дека „нe треба да се читаат паганите“ и „кривоверците“ кои напишале некаква антиимперијалистичка критика, дека нивните книги треба да се запалат, а нивната уметост да се забрани, оти според нивниот поданички резон, токму овие критичари се главни и единствени виновници што светот „оди во пропаст“, заради тоа што се дискредитира „златниот“ униполарен „светски поредок“. А, сето тоа, можеби, би можело да доведе до ограничување на неограничената геополитичка моќ на Вујкото Сем, кој директно или индиректно, сите нив ги плаќа. Затоа, може да се рече дека она што го зборуваат денешните асанжовци е несразмерно посмело и подоблесно од сето што, во минатото, го сторија, на пример, енциклопедистите.
Сепак. И покрај пропагандните врескачи, и покрај прикриената и јавната цензура, и покрај ризикот и опасностите кои демнат, слободољубивото човештво не смее да биде во проскинеза пред поимот „профит“.
Не смее како догма да ги прифати „вистините“, пропагандни или религиозни, кои му ги сервираат евроатлантските центри на моќ. Жално, понижувачки и, во крајна линија, погубно е за човештвото кога сите „немо“ гледаме масовна пракса во која бројни државници од „слободниот свет“ церемонијално клечат при дворските аудиенции во capitale del mondo од онаа страна на Атлантикот.
Движењето на слободоумниците и вистиноборците треба да биде кон Правдата и Слободата. Луѓето кои пишуваат никако не смеат пред суровата сила на профитот и денешните господари на злото да стојат во понижувачко-питачки став на очекување некаква финансиска милостина, никако не смеат да се превиткаат и скршат, па да го загубат својот критичен поглед кон хоризонтот, да го премолчат својот негативниот став кон неправдата, измамата и недоследноста, никако не смеат да престанат да се борат за една почовечна и поеколошка иднина. Поинаку кажано, нужен е бунт против врховниот геополитички авторитет во почетокот на овој криминален и неправеден дваесет и прв век. Тој бунт, треба да стекне различни, но масовни облици, па ветерот на критиката и на промените да почне да фијука, сè пакобно и посилно, околу корабите на кои се натоварени крвавиот профит и нуклеарните боеви глави, сè додека тие пловила на несреќата и злото не се распаднат во парампарчиња и неповратно потонат во најдлабокото морско дно.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)