2win800x200

Груевска : Горди со најстарото македонско научно друштво

Април 26, 2022

Доцент д-р Невена Груевска е првата жена претседател на најстарото Македонско научно друштво-Битола, кое деновиве го одбележува 25 април 1960 година, денот кога група млади интелектуалци од Битола го формираа Друштвото.Во интервју за МИА, доцент д-р Невена Груевска, професорка на Меѓународниот славјански универзитет во Битола и Свети Николе, вели дека генерацијата која сега раководи со МНД-Битола со почит ја негува традицијата и посветено придонесува за развој на науката и научноистражувачката дејност.

Кој беше предизвикот да прифатите да бидете прва жена претседател на МНД-Битола?

– Предизвик ми беа корените на Друштвото, деновите на основањето, кои ние членовите никогаш не ги забораваме, бидејќи меѓу иницијаторите во таа сега веќе далечна 1960 година имаше жени и мажи. Таа традиција се негува и ден-денес и горди сме со најстарото македонско научно друштво во земјава, формирано во Битола. Инаку, во мојот мандатен период 2020-2022 година сите програмски активности ги реализиравме со еднакво ангажирање и на понежниот и на посилниот пол во раководството, одделенијата на Друштвото и други структури и институции кои директно или индиректно се поврзани со МНД-Битола.

Дали и колку можеше да се биде креативен и инспиративен во услови на пандемија?

– Науката и научните работници исправени се спротивставија на пандемијата. Ваквиот впечаток се темели и на сознанијата кои ги обезбедивме од стручно-научниот собир што го организиравме, а беше на тема „Влијанието на пандемијата врз науката – искуства и примери на професионални предизвици во општеството“. Истакнати научни работници од градот и државата потврдија дека креативноста и инспиративноста не заостанаа, а новите сознанија ќе може да се користат соодветно и ефикасно бидејќи се публикувани во нашето долгогодишно и препознатливо списание „Прилози“. Но, мора да истакнам дека пандемијата не ја намали реализацијата на нашите програми, како на локално така и на национално ниво. Ќе потсетам дека на оригинален и креативен начин ја одбележавме 100-годишнината од раѓањето на академик Блаже Конески, за што организиравме повеќе настани. На повеќе од 850 наставници и јавни личности им го подаривме речникот „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски”, џебно издание од авторот Здравко Божиновски, одржавме академски час посветен на Конески во неговото родно Небрегово, организиравме тркалезна маса на тема „Делото на Конески – постојан избор на истражувања во науката за јазикот, литературата и културата“, а во соработка со Педагошкиот факултет-Битола промовиравме и видеоматеријал, документарен филм „Бесмртноста на Блаже Конески” од дипломец на Педагошкиот факултет-Битола, Искра Талевска, под менторство на проф. д-р Силвана Нешковска.

Македонско научно друштво-Битола годишнината од основањето ја одбележува работно, со остварување на програмските цели и, како што рече во интервјуто за МИА претседателката, доцент д-р Невена Груевска, во секое време и денес МНД-Битола тежнее да биде свест и совест на општествениот развој во градот и регионот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани