АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Излезе од печат јубилејниот број 10 од Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ во издаваштво на Македонското научно друштво-Битола. Главен и одговорен уредник на списанието е проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, а уредници се и: Весна Мундишевска-Велјановска, проф. д-р Силвана Нешковска и Елизабета Јончиќ. Списанието има и меѓународен уредувачки одбор во состав: проф. д-р Звонко Танески (Словачка), Раед Анис Ал-Јиши (Саудиска Арабија), м-р Жарко Милениќ (Русија и Босна и Херцеговина), проф. д-р Тземин Итион Тсаи (Тајван, Република Кина), проф. д-р Том Филипс (Велика Британија), вонр. проф. д-р Михо Нонака (Јапонија и САД), Искра Пенева (Србија), проф. д-р Су Џен Лин (Тајван, Република Кина).
Првиот број на списанието излезе во 2013 и од тогаш па до сега бележи забележителен развој и во поглед на бројот на застапени автори од земјата и во бројот на страници и во бројот и видот на рубриките и во ликовните решенија и во отворањето на списанието кон светот преку застапување на значајни и реномирани странски автори во превод на македонски јазик и во бројот на соработници и пријатели на списанието и во проширувањето на редакцијата со меѓународен уредувачки одбор и уредувачки совет и во поглед на достапноста до читателите, бидејќи покрај во печатена форма, списанието е достапно и на вебстраницата на Македонското научно друштво (https://mnd-bitola.mk/tag/sovremeni-dijalozi/), но и во воведувањето на импресум на англиски јазик кое се наметна како потреба поради тоа што во последните неколку години списанието е редовно промовирано на различни значајни светски книжевни портали, а тоа е дел и од домашните библиотеки на значајни странски поети и писатели, уредници, приредувачи, издавачи, преведувачи, книжевници. Благодарение на строгиот селективен пристап на пристигнатите трудови, одличната соработка со истакнати книжевници, списанија, преведувачи и уредници ширум светот и секако континуираната поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и раководството на Македонското научно друштво – Битола, „Современи дијалози“ денес е реномирано и значајно списание во национални и интернационални рамки со свој препознатлив концепт и дизајн и со актуелни содржини кои имаат високи научни и естетски вредности и кои се објавуваат во редовните рубрики.
Во осумте рубрики на „Современи дијалози“ бр. 10 (Поезија, Проза, Литература за деца и млади, Драма, Интервју, Прикази, осврти, книжевни критики, рецензии..., Преводи/ препеви и Паралели) застапени се вкупно 54 книжевници (подредени по азбучен редослед) и 8 ликовни уметници (6 се наши познати уметници, а 2 се од Египет и Албанија-Косово), односно 33 македонски автори и 21 автор од 15 земји во светот и тоа: Мексико, Шведска, Канада, Саудиска Арабија, Франција, Босна и Херцеговина, Русија, Хрватска, Кина, САД, Србија, Бугарија, Словенија, Финска, Куба благодарение на 13 преведувачи од Северна Македонија, Мексико, Египет, Куба, Словенија и Шведска, односно: Јард Ајала, Даниела Андоновска-Трајковска, Лидија Димковска, Лилјана Дирјан, Богомил Ѓузел, Ши Јонгао, Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска, Силвана Нешковска, Борче Панов, Нора Утман и Ивица Челиковиќ. Корицата ја дизајнираше Весна Мундишевска-Велјановска со слика од познатиот ликовен уметник и универзитетски професор д-р Бурхан Ахмети. Освен ликовни дела од Ахмети, списанието содржи и дела од Ниче Василев, Јасер Гаеса, Мајлинда Келменди, Љубица Мешкова Солак, Олга Панкина, Нела Петровска и Димитар Солаковски чии слики претставуваат најава за содржината на секоја од рубриките. Во овој број на списанието е објавена поезија на: Славица Дабевска Ќировска, Трајче Кацаров, Стефан Марковски, Никола Маџиров, Петар Наневски, Силвана Нешковска, Олга Панкина, Зоран Пејковски, Милица Радевска, Гордана Стојаноска и Биљана Т. Димко; прозата од: Даниела Андоновска-Трајковска, Петре Димовски, Димитрие Дурацовски, Златко Жоглев, Томислав Османли, Игор Поп Трајков, Михајло Свидерски; драма од Марјан Анѓеловски; литература за деца од: Љубинка Донева, Никола Илијовски, Весна Мундишевска-Велјановска, Горјан Петревски, Стојан Тарапуза; интервјуто од Диме Ратајкоски со Хабиб Тенгур од Париз, Константин и Мостаганем кој два пати бил гостин на Струшките вечери на поезијата, стручни и научни текстови на: Јованка Денкова, Елизабета Јончиќ, Марија Младеновска Димитровска, Елена Пренџова, Бобан Ристевски, Мирјана Стојановска, Васил Тоциновски; превод на Зора Русомарова со коментари и книжевна интерпретација. Читателската публика има можност за естетско доживување и на современата светска книжевност преку поезијата или прозата на: Јаред Ајала од Мексико, Ида Борјел од Шведска, Џорџ Елиот Кларк од Канада, Хавра Ел-Хемили од Саудиска Арабија, Абу Зубиер од Франција, Хакија Кариќ од Босна и Херцеговина, Тин Лемац од Хрватска, Зу Лианан (Кина), Кетлин Марис Палтринери (САД), Иво Мијо Андриќ (Хрватска), Жарко Милениќ (БиХ и Русија), Билјана Миловановиќ Живак (Србија), Аксинија Михаилова (Бугарија), Власта Младеновиќ (Србија), Алеш Мустар (Словенија), Душко Новаковиќ (Србија), Виктор Радун Теон (Србија), Рејчел Роуз (Канада), Аки Салмела (Финска), Јурај Толентино Хевија (Куба), Џанг Џи (Кина).
И покрај востановената практика списанието да излегува еднаш годишно, во јубилејната 2022, се подготвува и бр. 11 со уште побогати содржини којшто наскоро ќе биде достапен за читателите.