Битолскиот театар одбележа 78 години од своето постоење

Ноември 15, 2022

Една од најуспешните актерки што битолското глумиште ја имало, Соња Михајлова, заминува во пензија. Тоа го соопшти од сцената за време на роденденскиот музичко-сценски преформанс за 78-годишнината од постоењето на Народниот театар од Битола. Михајлова пред публиката, која ја имаше исполнето театарската сала до последно седиште, кажа дека оди во пензија, но нема намера да се откаже од сцената.

„Глумата и театарот се засекогаш со мене и во мене. И ќе бидам овде и тука за живот на Народен театар Битола. Театарот и глумата се љубов што трае како што трае НТБ“, рече Михајлова.

Таа се присети дека заминала да студира на стоматологија и по една година студии, под влијание на битолското друштво на чело со Петар Мирчевски, „Пепи Пивцето, де“, како што рече, се пријавила на приемен за глума. Од едниот факултет се префрлила на другиот. Не од мали нозе, туку од големи се вљубила во тетарот. Во трета година од студиите стапнала на сцената на Битолскиот театар во дипломската претстава „Пеш“ на режисерот Владо Цветановски.

„И пешки го започнав тетарското патување и дружбата во театарското семејство. Патувавме многу во тогашна Југославија од Битола до Љубљана на долго и на широко, во автобусот се живееше патувачки театар, се јадеше, пиеше, се играше и смееше. Бевме редовни гости на фестивали, по десетина дена како субвенционирано летување. НТБ беше бренд во Југославија секаде дочекуван со почит, престиж на режисерите да дојдат да режираат кај нас. А на сцената бурно. Претстава за претстава, по 8-9 премиери годишно, по 20 до 250 одиграни претстави годишно“, рече таа.

Се присети дека еднаш дури дала и отказ од работа, но се вратила назад зашто од пишаното и љубовта не се бега. Спомна и моменти од кариерата кои денес изгледаат смешно, но биле опасни.

„Техниката е многу важен дел од семејството за да не се случи она како на претставата ‘Лет во место’ кога за влакно ги избегнавме чардакот од сцеографијата кој се сруши на сред претстава. Еднаш се набавија сценски куршими-ќорци, колегата Цобе пука на сцената, но од ќорецот излезе солзевец, и ние и публиката не знаевме каде да излеземе. Дијазепам беше чашка алкохол и дружба во бифе. Некогаш ваквиот дијазепам беше со продолжено дејство“, рече Михајлова.

Покрај неа, годинава во пензија заминаа и Петар Мирчевски, Менка Бојаџиева, режисерот Љупчо Ѓоргиевски, сценографот Драган Ангелковиќ, светло мајсторот Илија Димовски, гардероберка Елена Христовска. Публиката ги поздрави со голем аплуз, а Илина Чоревска, водителка на перформансот, рече дека на помладите колеги им останува да го продолжат нивниот завет.

„Од 1945  БНТ има изведено над 600 премиери, над 12.000 претстави и го посетиле над 5 милиони гледачи. Токму затоа денес е несомнено најуспешниот театарски ансамбл во Македонија. Брои над 70 вработени. Низ неговите врати на македонската сцена влегле голем број на театарски режисерки имиња кои најпрво режирале во нашиот театар. Гостувања до САД, Кина Австралија. Само во последните 4 години НТБ доби повеќе од 25 награди“, рече Чоревска.

Роденденскиот перформанс беше вистинско уживање за публиката, полн смеа. Во него актерите како што и претходно практикувале за родендените се претставија со делови од свои монолози, шеги, а некои и со песни. Петар Горко и Маја Андоновска-Илијевски во улоги на Тома Здравковиќ и Силвана Арманулиќ ја испееја песната „Полноќ е“. Катерина Аневска прекрасно ја изведе „Дениција“ од Петре М. Андреевски додека Огнен Дранговски свиреше на гитара, други актери во ритамот „Бела чао“ пееја „И пак да се родам тука ќе дојдам во мојот Театар битолски“. На сцена со шегите се надмина Петар Спировски глумејќи чистачка која сака да стене актерка.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани