АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Најрано во мај годинава, битолчани можат да очекуваат исплата на штетите од земјотресот кој се случи лани на 9 јануари. Од Владата за „Независен“ потврдуваат дека елаборатот го добиле на ден-два пред Новата година и дека допрва треба да го разгледа владината комисија за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди, па дури на пролет да помине на Влада.
Елаборатот за проценка на штетите од земјотресот се усвои на седница на Советот на Општина Битола на 27 декември лани, по што одлуката за усвојување на елаборатот со прилог документацијата е испратена до надлежната комисија во Владата на Македонија. Станува збор за 2.800 барања за исплата на штети од земјотресот.
„Речиси една година од земјотресот, пред истекот на крајниот рок, е доставен елаборатот до Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди, по што комисијата има рок од 120 дена да го разгледа и одлучи со оглед на обемноста и да го достави до Владата“, информираат од Владата.
Лани, два дена по Божик, околу 22.43 часот силен земјотрес ја потресе Битола. Земјотресот почна да тресе проследен со бучава, а потоа се случија уште серија помали потреси. Според Европската сеизмолошка опсерваторија, епицентарот на земјотресот со магнитуда од 5,8 степени беше во Грција, на 5 км североисточно од Лерин.
Битолчани вознемирени излегоа на улиците, и најголем дел од нив не се вратија дома, преспаа по автомобилите, осоено оние од повисоките згради. Во голем дел од објектите имаше видно испукани ѕидови и оштетена покуќнина. Дел од старите објекти во градот беа вистинска опасност за минувачите бидејќи земјотресот дополнително ја влоши нивната состојба, па жители од тие улици сами поправаа и крпеа за да не се повреди некој. Имаше оштетувања и во неколку соби во Битолската клиничка болница. Имаше штети во училишта и градинки.
Општина Битола брзо формира комисија и повика граѓаните да ги пријават штетите. Општината сега, една година по земјотресот информира дека Комисијата за проценка на штети од земјотресот, заврши со увидот на терен кај граѓаните кои имаа поднесено барање за проценка на штети на објектите. Проценка е извршена кај сите граѓани врз основа на посета на објектите и приложената документација од граѓаните.
За реакциите на битолчани од колективните згради дека комисијата се уште не ги посетила да изврши увид, од општината велат дека кај колективните станбени објекти „процената е извршена врз основа на степенот на оштетување на зградата, при што увид е направен во неколку станови од зградата и пресметувањето кај сите станови е извршено согласно наведените параметри, методологијата за проценка на штети и приложената фото документација“.
Општина Битола чека повратен одговор од Владата, во спротивно не може да ги исплати штетите на битолчани. (А.Б.)