АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, објави демант на изнесените обвинувања од СДСМ, поврзани со ревизорскиот извештај за ЈП Водовод.
Во прилог Ви ја пренесуваме изјавата на градоначалникот Коњановски:
Мојата надлежност како градоначалник е законски и успешно да раководам со општината и да придонесам за реализација на проекти, кои ќе ги подобрат условите за сите граѓани на Битола. Во досегашниот период и функционирањето на локалната самоуправа е во таа насока.
Како, градоначалник, имам обврска да барам функционалност и успешност од институциите во надлежност на локалната самоуправа, но во никој случај немам надлежност да кријам или штитам криминал.
Дали има криминал и кои мерки ќе бидат преземени одлучуваат институциите кои за тоа се надлежни.
Оттука, целосно ги демантирам денешните тврдења изнесени во јавност, во кои пресудувајќи дека се работи за „криминал“ во ЈП Водовод, СДСМ обвинуваат дека од моја страна се крие ревизорскиот извештај, изготвен од внатрешниот ревизор на Општина Битола.
Ревизорскиот извештај за ЈП Водовод е изготвен во јануари и со истиот е постапено согласно Меѓународните стандарди за професионално вршење на внатрешната ревизија. Внатрешниот ревизор не испитува „криминал“, туку го проверува контролниот систем и неговото функционирање и дава препораки за функционирањето, што е направено во конкретниот случај.
На барање на СВР Битола, во врска со предмет кој го води Основното јавно обвинителство, од страна на Општина Битола, доставени се сите барани ревизорски извештаи за што споменатите надлежни институции, врз основа на нивните постапки треба да ја продолжат постапката, за што секако јавноста ќе биде информирана.
Јас како градоначалник, како и сите вработени во Општина Битола, продолжуваме со транспарентно работење во интерес на Битола, а верувам дека тоа ќе го следи и СДСМ Битола и во интерес на јавноста нема да изнесува дезинформации поврзани со постапки за кои се надлежни други институции.