АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За првпат по повеќе од десет години, ресенската локална власт заедно со претставници од Сојузот на борците од Ресен, ја чествуваа годишнината од Преспанското советување на ЦК на КПМ на споменикот во Отешево. Иако овој настан во изминатите години беше заборавен од властите, сепак, ресенската боречка организација редовно го одбележуваше.
-Не паметиме дека досега сме имале некој од општина Ресен заедно со нас да го чествува овој ден. Но, и нам треба да ни се честита затоа што досега не сме пропуштиле ниту една година да дојдеме овде, рекоа од Сојузот на борците од Ресен.
На чествувањето по повод 75 годишнината од Преспанското советување, делегација од општина Ресен, предводена од градоначалникот Живко Гошаревски, членови на општинскиот Совет и претставници на Сојузот на борците, положија цвеќе пред споменикот во Отешево, кој е подигнат во 1973 година во чест на состанокот кој имаше решавачко влијание за организирањето на АСНОМ и создавање на македонската национална држава.
-Со години беше заобиколувано ова место, ниту дошол градоначалнк, пратеник, или било каква повисока делегација. Запоставен е и споменикот, но во оваа прилика се обврзуваме дека ќе го обновиме, рече градоначачлникот на Ресен, Живко Гошаревски.
Во своето обраќање пред присутните, Гошаревски, истакна дека Илинденската кауза за државност и човекови права беше и духот на народот во НОБ.
- Илинден не е ни час ни ден, ни година. Илинден е вечност, без што неможеме. Тој е празник на душата на Македонецот, ден за незаборав. Ниту една ослободителна борба на кој било народ не познава толку многу саможртви, како македонската. Македонија вакви херојства има многу. На некои им се знаат гробовите, на многу им се заборавени имињата. Доста од нив сеуште ги воспева народот, ги носи во душата. И едните и другите и третите, големи македонски синови секогаш ќе останат вечни и незаборавни, рече Гошаревски.
Делегациите, исто така, положија цвеќе пред спомениците на Илинденците во селата Крушје и Царев Двор
Е.М.
На 2 август 1943 кај Отешево е одржан Преспанскиот состанок на ЦК на КПМ
На 2 август во 1943 година во близина на селото Отешево е одржан Преспанскиот состанок на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија (КПМ). Од работата на состанокот не се сочувани никави пишувани документи, но за што се разговарало и што било решено индиректно говорат подоцнежни документи и сведочења на учесниците. За него најдетално пишувал истакнатиот македонски историчар Владо Ивановски во брошурата „Преспанскиот состанок на ЦК на КПМ“ од 1983 г.
На Преспанскиот состанок учествувале членовите на ЦК на КПМ: Кузман Јосифовски-Питу, Цветко Узуновски-Абас, Страхил Гигов-Андро, инструкторот на ЦК на КПЈ Добривое Радосављевиќ-Орце и делегатот на ЦК на КПЈ Светозар Вукмановиќ-Темпо. Биле донесени клучни одлуки не само за развојот на антифашистичката и антиокупаторска борба на територијата на Македонија под бугарска и италијанска окупација, туку и за идниот политички и државоправен статус на Вардарскиот дел на Македонија.
Прво, на воен план било нагласено значењето на вооружената борба како основно средство на Националноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ). Затоа било решено да се оди кон создавање на покрупни воени единици со што Народноослободителните и партизански одреди (НОВ и ПОМ), односно партизанската војска би добила карактер на регуларна војска. Со оглед на општата ситуација, било донесено и решение да се засили активноста во делот под италијанска окупација, а оттаму да се вршат акции и врз делот под бугарска окупација. Набрзо, ваквите решенија биле практично операционализирани и во периодот од август до декември 1943 г., бил забележан особено голем растеж на партизанските одреди и формирање на покрупни регуларни воени единици со што се изградувала НОВ и ПОМ.
Второ, на политички план, биле донесени одлуки и мерки за интензивирање на активностите во врска со изградба на органите на народната власт и мерки за зајакнување на организациите на КПМ и СКОЈ. Било решено да се започнат подготовки за организирање на антифашистичко собрание (АСНОМ).
Трето, на државноправен и политички план, се расправало и биле прифатени основните начела и принципи на македонската националноослободителната платформа. Всушност, Преспанскиот состанок на ЦК на КПМ е најзначајниот момент во правец на дефинирање на националноослободителната платформа во текот на НОАВМ. Со неговите решенија биле отстранети многу дилеми, биле зацврстени многу отпорано заземени определби и биле дефинирани низа практичните чекори за остварување на зацртаните цели. На него, прашањата за самоопределување и обединување на македонскиот народ биле поставени како суштинска и незаобиколива цел на вооружената борба. Имено, по долга и опсежна дискусија на Преспанскиот состанок, било решено „бидејќи народноослободителното движење најсилно се разви во Македонија на територијата на Југославија и бидејќи ова движење е центар на собирањето на целиот македонски народ“ да се истапи со „паролата за ослободување и обединување на македонскиот народ во братска заедница на сите југословенски народи“.
Со ваквото решение, создавањето на македонска држава се проектирало во рамките на југословенската федерација. Паралелно со тоа, и обединувањето на Македонија се сместувало во тие државноправни рамки, со што македонското националноослободително движење и идната македонска национална држава добивале улога на „пиемонт“.
Подготвил: д-р Александар Литовски