На денешен ден, 15 ноември 1923 година во Долно Агларци, е роден Дојчин Апчевски, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, општественик и политичар.
Во редовите на југословенската комунистичка младина (СКОЈ) од пред Втората светска војна. Со нападот и окупацијата на Вардарскиот дел на Македонија стана активен организатор на антиокупаторската борба и учествува во акциите за прибирање оружје од распаднатата кралска армија. Особено активен во собирањето на „црвена помош“ и контакти и снабдување на политзатворениците во битолскиот затвор. Во 1942 г. бугарската полиција двапати го апси, заедно со други раководителите на СКОЈ во битолската гимназија, но поради недостаток на докази дватапати е ослободен, но исклучен „од сите училишта во Царството“. Од 1943 година е член на Комунистичката партија на Македонија. Од 1943 г. е припадник на партизанските единици, каде нешто подоцна стана политички комесар на баталјон.
По ослободувањето на земјата од фашистичките окупатори е мајор на ЈНА. Заврши Правен факултет, а беше и истакнат општествен и политички работник во Битола и пратеник во Републичкиот собор на Собранието на СРМ. Член-основач на Друштвото за наука и уметност во Битола (денес Македонско научно друштво) и негов претседател во периодот 1963-1965 г. Активен член е во Сојузот на борци од НОАВМ во Битола. Носител на поголем број ордени и признанија, меѓу кои и: Орден за храброст, Орден братство единство, Орден на Републиката и Орден заслуги за народ (трет ред).
Живее во Битола на ул. Лазо Трповски бр. 8.
Подготвил: проф. д-р Александар Литовски, историчар