АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска,и претседателот на Студентското собрание на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, Борис Гушевски потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции, со кој се овозможува студентски попуст од 50 проценти на влезниците во сите национални установи од областа на културата.
„Со оваа значајна иницијатива за студентски попуст во сите национални установи што се под надлежност на Министерството за култура, овозможуваме културните настани да се подостапни за студентите, како и да обезбедиме поквалитетен студентски живот и подигнување на нивниот стандард“, рече Костадиновска-Стојчевска, на потпишувањето на Меморандумот на што присутни беа и ректорот на Универзитетот, проф.-др Игор Неделковски, и проректорите Горан Илиќ и Јасмина Буневска-Талевска.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека иницијативата ќе се прошири и за средношколците, а дека во приоритетите на професорскиот кадар и на политичарите е да обезбедат услови за младите да останат во државава. „Наша должност е да обезбедиме иднина за младите и да понудиме можности за нивен развој уште на почетокот на нивното образование“, рече министерката за култура, која додаде дека младите остануваат во фокусот на нејзиниот мандат.
Имено, со измените на Законот за игри на среќа е превидено да бидат пренасочени средства во фонд за заштита на културно наследство, па затоа Костадиновска-Стојчевска додаде: „Со измените на Законот се предлага стипендирање на дефицитарни кадри на групи од Филозофскиот факултет во Скопје, и тоа од областа на историјата на уметноста, археологијата и етнологијата, одредени наставни групи на ликовна академија и архитектура, односно кадри за кои постои дефицит во нашите установи од областа на заштитата. Доколку има вакви групи и на Универзитетот во Битола, ќе пристапиме кон дополнување на предлог-измените на овој закон, кој го помина првото читање во собраниските комисии“, рече Костадиновска-Стојчевска, која потсети дека Владата во изминатиот период стипендираше и студенти по македонски јазик, особено во наставна насока, поради дефицит на кадар во оваа област.
Како добра мерка за младите да останат во државава и полесно да добијат можност да бидат дел од националните установи од културата, Костадиновска-Стојчевска го спомена и Предлог-законот за култура, со кој, како што рече, се предвидени категории на работни места без работно искуство.
Инцијативата за студентски попуст во националните установи од културата започна со потпишување на Меморандумот за соработка со Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а поради добрата практика, министерката за култура изрази надеж дека и студентски собранија на другите универзитети ќе ја прифатат оваа мотивирачка мерка.