АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Кугламе и сме среќни“ е проект во целосна реализација на ЗГ „Нови перцепции“ од Битола. Се работи за афирмирање на кугларскиот спорт во Битола и Битолско кој ќе трае од 10-ти септември до крајот на календарската 2018 година.
ЗГ „Нови перцепции“ оваа активност ја реализира во соработка со Општина Битола, Општина Могила, Општина Новаци и кугларскиот клуб „Хераклеа“ - Битола.
Проектот овозможува бесплатно да започнат да куглаат 400 ученици кои во учебната 2018/19 година запишале 9-то одделение во основните училишта од трите Општини под надзор и тренерска работа на искусни кугларски тренери од Битола. Сите активности на учениците, вклучувајќи ги тренинзите, обуките, турнирите, гостување во Скопје ќе бидат во целост покриени од страна на ЗГ „Нови перцепции“.
ЗГ „Нови перцепции“ ќе го координира целокупнот процес и ќе ја олесне комуникацијата помеѓу сите страни. Тренерската работа ќе биде директно раководена од страна на Игор Михајловски, кугларски тренер, специјалист за млади куглари.
Првиот филтер на кандидатите ќе биде направен после втората недела, каде ќе продолжат само оние ученици кои покажуваат афинитет кон овој спорт. Ќе продолжат 300 ученици.
Вториот филтер на кандидатите ќе биде после еден месец од самиот почеток на проектот, а тренерите ќе ги селектираат најдобрите 200 ученици.
Третиот филтер на кандидати ќе биде после шестата недела каде ќе бидат селектирани 100 ученици кои ќе покажат најголем напредок, интерес, афинитет и талент кон куглањето.
Оваа група од 100 ученици ќе продолжи да тренира до крајот на календарската година со тренинзи кои ќе бидат усогласени со нивната психо-физичка подготвеност, а на истите ќе се работи по напредна тренерска програма.
Објективните очекувања се групата од 100 куглари да ги науче основите на куглањето, да може да кугла, да ги знае кугларарските правила и прописи и согласно нив да се однесува на и вон кугларскиот терен.
Овој проект треба директно да придонесе во регрутирањето на нови млади кугларски таленти, да му помогне на Kугларскиот клуб „Хераклеа“ и генерално на кугларскиот спорт во Битола и Р.Македонија, да донесе една нова свежина и спортска понуда во нашето опкружување, да овозможи да спортуваат и ученици чии родители не се во можност да платат рекреативни тренинзи за своето дете, да стимулира што повеќе млади луѓе да се рекреираат, дружат и забавуваат преку спортот, да се натпреваруваат меѓу себе, да бидат ведри и насмеани и да го бираат здравиот начин на живот наспроти сите пороци кои ја демнеат токму оваа возрасна група која ја опфаќаме.