АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес потпиша договор за соработка со Фондацијата ,,Отворено општество” - Македонија, а во врска со реализација на проектот ,,Сончеви училишта”. Со овој проект се предвидува инсталирање на фотоволтаични соларни централи на училиштата: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ с. Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од с. Бистрица.
Согласно договорената динамика, соларните централи, треба да бидат поставени заклучно со ноември оваа година.
Електричната енергија што ќе ја произведуваат овие централи ќе ја користат училиштата и Општина Битола, со цел да се намали вкупната потрошувачка од јавната мрежа на операторот за дистрибуција на електрична енергија со што ќе се создаде директна заштеда на сметките за електрична енергија. Еквивалентот во денари од сумата на произведена и заштедена енергија ќе биде ставена на располагање на потребите на училиштата врз основа на проектните идеи, доставени од соодветното училиште.
Финансиската конструкција целосно е обезбедена од страна на фондацијата која го спроведува проектот „Сончеви училишта“ веќе трета година во Македонија, но и во другите земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија). Проектот има за цел создавање климатско неутрални училишта преку поставување фотоволтаични панели на крововите на училиштата, едукација и вклученост на учениците и вработените и работа со заедниците за зголемување на знаењето за производство и користење на енергијата од обновливи извори на енергија.