„Еден е Манаки“ е движечката сила на овогодинешната програма на ИФФК „Браќа Манаки“. На почетокот на синоќешното свечено затворање на присутните им се обрати директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски.
-По изминувањето на сите седум фестивалски денови убеден сум дека сите знаете зошто еден е Манаки. И се надевам дека сега на сите им стана јасно дека на браќата Манаки не им требаат наводници во слоганот зошто суштината е во нивните бесмртни филмски дела и во бесмртните дела на авторите кои како гости ни доаѓаат секоја година на овој фестивал. Еден е Манаки. И една е Битола. И една е Битола која го заслужува овој фестивал. Од оваа година песната „Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак“ доби уште едно убаво значење. Со поставувањето на ѕвездите на добитниците на нашата награда за животно дело, Широк сокак стана и сокак на славните, на филмот, сокак на најдобрите кинематографери, рече Дамевски заблагодарувајќи се на сите кои беа дел од Фестивалот.
Фестивалот секоја година ги вреднува најдобрите кинематографери. Златна камера 300 годинава жирито и додели на кинематограферката Џудит Кауфман за филмот „Наставничка канцеларија“, Сребрена камера 300 на Ранабир Дас за филмот „Се што замислуваме како светлина“, за кој жирито рече дека станува збор за мошне иновативна и интересна презентација на кинематографијата, Бронзена камера 300 за Расмус Видебек за филмот „Ветена земја“, за неговото мајсторско толкување на денешницата, а посебно признание во главната селекција му е доделено на Пабло Лозано за филмот „Хроники на една скитничка светица“.
Жирито кое одлучуваше за филмовите во главната селекција го сочинуваа: Џон Сил, претседател на жирито, австралијански кинематографер, Ањес Годар, француска кинематограферка Џевахир Шахин, турски кинематографер Биргит Гудјонсдотир, исландска кинематограферка и Владимир Блажевски, македонски режисер и сценарист.
- Ова беше многу тешка одлука. Сите филмови беа со многу интересна фотографија поради што многу ни беше тешко да одлучиме. Откривме дека филмот „Наставничка просторија“ имаше многу добра кинематографска поддршка и одржуваше многу добра и конзистентна слика која ја маѓепснички ја прикажа драмата во сценариото, рече Сил честитајќи им на наградените.
Од сите лауреати во Битола вечерва беше само Пабло Лозано, кој доби посебно признание и од сцената на Центарот за култура во Битола се заблагодари за можноста да биде дел од Фестивалот „Браќа Манаки“ и се заблагодари на својот тим со кој работеле на филмот.
Наградата му ја врачи министерот за култура, Зоран Љутков.
Краткометражниот филм секогаш е голем предизвик за филмските автори. Жирито во состав: Ненси Шрајбер претседателка на жирито и американска кинематограферка, Уна Менгес, британска кинематограферка и Ѓорѓи Клинчаров, македонски кинематографер, одлучија Мала камера 300 да се додели на Хелсио Алемао за филмот „Амарела“.
Истото жири одлучуваше и за студентските филмови и за најдобра ја прогласи работата на Марго Бесон во филмот „Ананси“.
-Жирито за студентски филмови ја доделува оваа награда за извонредност на филмот „Ананси“. Овој софистициран филм е исклучително успешен со својата естетска и искрена приказна. Кинематографот покажува голема вештина, емпатија и чувствителност, без да наметне его, стои во одлуката на жирито, а посебно признание доби Кинан Масарани за филмот „Добро момче“ во кој според нив „фотографијата комбинира техничка извонредност и сочувствителна камера што директно ја воведе публиката во филмот“.
За документарниот филм секогаш е голем предизвик да открие непозната димензија. За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав: Куршат Уресин e во состав – претседател на жирито, турски кинематографер Јани Петери Паси, фински кинематографер и Нурија Ролдос, шпанска кинематограферка.
Железна камера 300 жирито ја додели на Хатем Нечи за филмот „Најголемата лага“.
-Голема чест ми е да го наградам овој документарен филм. Режисерката покажа огромна храброст ставајќи се себеси и своето семејство во центарот на вниманието за да раскаже приказна и да ги излечи раните што ја мачат нејзината фамилија повеќе од четириесет години.
Филмот мајсторски го комбинира реалниот свет со реконструираното минато, создавајќи длабока врска помеѓу минатите настани и нивните последици во денешницата.
Жирито го цени талентираниот кинематограф и неговиот вечен поглед кон ликовите. Тој го збогатил документарниот расказ и го поддржал режисерот и приказната користејќи техники кои се многу поприсутни во играните филмови, рече Нурија Ролдос.
Во рамките на Европската Ло-Кап програма наградата ја доби Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, кој во голема мера го импресионираше жирито.
-Овој победнички филм плени со своето веродостојно, но сепак возвишено визуелно раскажување, и иако неговиот свет можеби изгледа мрачен, авторите пронајдоа и убаво ги прикажаа позитивните моменти. Убавината на филмот доаѓа не само од неговата естетика, туку и од емпатичниот поглед кон ликовите и срцето на наративот.
Режисерите никогаш не ги напуштаат своите ликови, ниту губат надеж, и поради тоа, голема благодарност му должиме на кинематографот, чие око за убавина во неочекувани моменти го прави филмот исклучителен.
Наградата за најдобра кинематографија во конкуренција за најдобар европски Ло-кап филм ја добива Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, велат во одлуката членовите на комисијата.
Оваа година беа доделени и неколку нови награди.
Награда на Јадранската публика, фестивалот „Браќа Манаки“ стана член на Јадранската група на фестивали заедно со оние во Сараево, Загреб, Љубљана, Тирана и Фестивалот на авторски филм во Белград. Гласањето на нашиот фестивал е завршено и кога ќе се соберат гласовите од сите фестивали ќе биде доделена наградата.
Дејвид Смит и Алис Брукс се добитници на наградата за креативна синергија, додека награда за „Пионер во професијата“ и беше врачена на Ненси Шрајбер, американска кинематограферка, автор на бројни филмови, музички видеа, неверојатна раскажувачка и четврта жена која во историјата на Американското кинематограферско здружение станала негов член.
Присутните на крајот ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
-Битола е горда на успешноста и уникатноста на уште едно фестивалско издание кое создаде трајни спомени кои значат почит на креативноста, но и силна културно-туристичка промоција и атракција за нашиот град, рече Коњановски, заблагодарувајќи се на фестивалскиот тим, кој , како што рече, направи од Битола центар на филмската уметност .
По доделувањето на наградите и свеченото затворање следуваше проекцијата на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец.