
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Научен труд на доц.д-р Анита Ангелевска
Фројдовиот психоаналитички концепт во Дуња Ѓузели и Царскиот син упатува на Едиповиот комплекс, односно овозможува воспоставување релации меѓу Ојдип и Царскиот син, како функционални модели на книжевни ликови.
Основaтa на Фројдовата интерпретација на митот за Ојдип се наоѓа во „Толкување на соништата“. Фројд тргнува од претпоставката дека трагедијата на Софокле „Цар Ојдип“ и денес предизвикува исто возбудување како и кај старите Грци, заклучувајќи дека „мора да постои некој глас во нашата внатрешност, кој треба да ја признае присилната сила на судбината кај Ојдип“. Фројд ги изедначува примитивните општества со човековото детство, а денешниот човек е како возрасна личност која во себе ги носи сите лузни на историската несреќа која човештвото ја преживеало во текот на своето детство. Тој смета дека првобитните човечки општества навистина го доживеале настанот чиј одраз е Едиповиот комплекс.
И царскиот син и Ојдип се избрани, двајцата имаат царско потекло. И во двата случаи во прашање е физичка разделба помеѓу татко и син, двајцата растат без вистинските родители. Заради пророштвото Лај се обидува да го убие својот син Ојдип, а и Царот посегнува по животот на својот син. Двајцата и Ојдип и царскиот син се спротиставуваат, односно ја прекршуваат забраната, го прават тоа што не смеат: царскиот син ги зема со закана за смрт- клучевите од собата, а Ојдип го напушта Коринт. И Ојдип и царскиот син се причинители на татковата смрт: Ојдип директно го убива татка си - а царскиот син со одлуката да биде негова девојката ја предизвикува татковата смрт. За да стигнат до саканата жена царскиот син добива помошник, а Ојдип ја победува Сфингата. Во двата случаи се користи лукавство - итроштина (јунаштвото и мудроста на јунакот го аплицираме како одличје на царскиот син). И двајцата по смртта на татковците добиваат престоли-стануваат цареви.
ФРОЈДОВСКИ ПСИХОАНАЛИТИЧКИ КОНЦЕПТ ВО СКАЗНАТА
За Фројд кој се занимава со индивидуалната психологија, религијата е средство за одржување на општествената кохезија, таа му овозможува на поединецот да ги надмине своите стравови во средбата со природните сили-значи кохезијата на групата е зациментирана со заедничката вера. Персонализирајќи ги силите на природата, преобразувајќи ги во специфични ентитети какви што се боговите, човекот наоѓа техника која му овозможува да се соочи со нив и во извесна мера да ги потчини.Табуата според Фројд, претставуваат свесно дисциплинирање кое има за цел да ги контролира најскриените човечки желби кои се амбивалентни: амбивалентноста на желбите ја предизвикува психичката неурамнотеженост на човекот кој во исто време стои зад овие желби, но и се срами од нив. Така забраните (табуата) и обредите со кои се спроведува контрола всушност се сигурносни механизми кои треба да воспостават рамнотежа кај човекот односно во општеството. Покрај откривањето на несвесното, најголема заслуга на Фројд е истакнувањето на либидото, но тој оди во крајност форсирајќи ги пред се сексуалните комплекси потиснати во несвесното и тоа првенствено Едиповиот комплекс (клучен за разбирање на човековата психологија) а кој се заснова на инфантилната сексуална наклоност кон родителот од спротивниот пол.
таткото заминува |
→ му забранува на синот да влезе во собата (да ја види насликаната девојка) |
зошто? |
→ со години тој е заљубен во неа (доказ за тоа е љубомората што ја манифестира кон синот и обидите да го убие) |
отсувство на мајката |
→ убавата девојка антиципација за мајката |
синот ја прекршува забраната |
→ станува свесен за „постоењето“ на девојката – се разбудува неговата сексуална желба (полов нагон) |
несвесно го убива татка си - тој е причина за неговата смрт |
„мајка му“ станува негова жена |
царскот син ја добива Дуња Ѓузели + престолот |
таткото сам се самоубива |
Во сказната „ДУЊА ЃУЗЕЛИ И ЦАРСКИОТ СИН“ би можеле односите да го сведеме на една ваква шема според определувањето на функциите, дадени од Проп:
оддалечување - е |
→ Му дошол абер на царо од некој друг цар што сакал да се бие џенг со него. Дојдуајќи тој абер на царот, сакал-неќел, почнал да се пригодува со војската и од дома. |
забрана - б |
→ А пак ако се забаам многу години на војска, и ако син ми ти додева за да ти ги сака клучејте од маазите, ама овој што е со нумеро сто, ... а пак ако си дојдам јас, мене ке ми го дајш. |
прекршување - b |
→ Е, вистина сто клучеи, ами еднио јас сум го запрел, чунки имa м клетва од татка ти да не ти го даам, чунки ако ти го даам да ја отвориш таа мааза, ти треба да умриш од тоа што ќе видиш натре, да затоа не ти го даам ... Е, ќе ти го даам и толку, нема друго чаре, помила је животта, от што да ја прегазам клетвата. На заповедај, земи го! |
распрашување- в |
→ Е, јас згрешив честити царе да ми простиш. За грешката иљаким ќе те молам да ми кажеш за пишаната девојка што је во четириестата мааза, дали је жива или је умрена? |
издавање - ώ |
→ Море жива је, бре синко, таа девојка туку што дека је жива, кога не можи да земи, чунки таа седи еден палат што је во стреде море, на крај земја... Затоа не клавај мерак на неја, не је чаре да можи ни ти, ни јас, ни па некој друг чоек во веков да ја земит. |
недостиг - а |
→ на царскиот син му недостига убавата девојка |
посредништво, соединувачки момент - В |
→Ха така де, ете сега кабает немаш, на ти ји од мене бакшиш! - Му рекол царцико син и го зел - што да види? - една убаа и преубаа девојка стосилно сонце... ја видел оти била зографдисана. ,,Бре да видел госпо - си рекол сам со себе јас ја сторив оти е жива ами таа била зографдисана. |
почеток на спротивставување - С |
→ Ах дали ке биде жива оваа девојка? Или ќе ја видам жива или ќе умрам! “ ... и од ден на ден се царев син венееше и црнееше од големиот мерак што беше му влегол во мислата за убајната на таа девојка. |
заминување - ↑ |
→ Без да му кажи на татка си, беше собрал тоа војска, од двор што рекол некој, зел азно колку што сакал и една ноќ ја спраштил да оди да ја бара убата девојка. |
реакција на јунакот – Г |
→ Оде, оде и стигнал до некој град голем и видел еден чоек кај го носат на уќумат со рацете наопаку врзани, дека беше отепал еден чоек со едно мавнување ... отишол на уќумат и му дал троа пари главатио, та го измолил да не го бесат и го испуштил судо. |
снабдување, добивање волшебно средство – Z |
→ Коа видел јунако тоа добро што го куртулиса од ортома си на му од царо му отишол вечерта кај што бил кондисан син му од царот и му се поклонил, му благодарил за доброто што му го сторил... - Е, лели на тоа си кандисал ајде влези во војската и тргај заедно со мене, кај што ќе одам јас, и ти со мене! |
просторно преместување - R |
→ Од тој ден тргнал царев син да патува со војската и со јунакот. Патуа, патуа, неколку месеци и дошле до крај земја... Преспаа и утрото станаа уште пред зора. Коа се опулил син му од царо во морето, виделе едно големо кале со една голема кула, светела како сонце од убаината на убаата девојка. Веднаш беше му текнало на цараев син оти таа кула је од убаата девојка многу се израдуал дека ја нашол, да дали ќе ја земи али не, до тоа не мислел ... Кога ја кренал орелот, спискала Дуња Ѓузели што је грло течу, и чул царев син, чул и јунакот Патенталија (така му било името на јунако), и ја видело кај што ја однесол орелот. |
борба - Б |
→ Слушај вамо, љубезна моја, еве како можам да те извадам од тој проклет орел: ти ќе го прашаш кај му стои душата, та како ќе ти кажи, утре ќе дојдам да ми кажиш. - Арно ќе го прашам - му рекла.. |
победа - П |
→ Едно беше ји изваил јајцата од гулабо и беше се поболил орело. Едно го видела Дуња Ѓузели оти снеможе орело, беше ји текнало оти ји изваил јајцата од гулабо и беше се поболил орело. Едно го видела Дуња Ѓузели оти снеможи орело, беше ји текнало оти ји изваил јајцата од гулабо и се израдуала и го помолила орело да ја симни од планината и бара лек за него дека не можи: - што нешто непара ти е арно, љубезни? ... Отишол Патенталија близу и веднаш ји скршил јајцата и на часо се напупунчил. |
ликвидација на несреќата или недостигот - Л |
→ Кога чул викот царцкио син от Патенталија, рипнал на нозе, така и војската, а пак Дуња Ѓузели беше си отцкрила образо и силно сонце беше ја болснало царев син и војската ... Љубезно моја Дуња Ѓузели, ти моја беше и пак моја си! Ете како пак моја биде! - је рече царцкио син. |
враќање - ↓ |
→ Откоа се изнаседоа и се изнарадуаа крај изворо, си станаа и се отправија за дома. |
прогонување, потера - Пр |
→ Кога чул царо оти син му ја зел Дуња Ѓузели, ифрит се беше сторил и наместо да му прати тебабија да го пречекаат, беше му го пратил 'рто од сина му што си одел со него на лов, измачкан со отруачка, за да се затрие со царев син и да се отруе, та да ја земи Дуња Ѓузели ... Едно легна царцки син вечерта да спие, и му прати еден чоек да му клаи на сина му околу гуша едно живо влакно отровно да го умри. |
спасување - Cn |
→ Арно ама Патенталија отишол при царев син, го попрскал со водата и му го изваил влакното од околу гуша. |
маскирање - О |
→ Џан'м, ќе ти кажам, честит царе - му рекол - ама ја веќе чоек не бидуам, чунки така ми је наречено од едно пиле што пееше кај изворо кај што бевме... - Да знаиш, бре Патенталија оти од денеска вамо ти ќе ми бидиш прв садријаз'м и ја цар, на ова твое големо добро што ми го стори! |
казнување - Н |
→ Коа виде царо оти ништо не му стана на сина му и коа виде и чу оти сета работа му ја изваде Патенталија на мегдан, беше се отрул сам и си умрел... |
свадба - С |
→ ...а пак син му се воцарил и седнал на столо да царуа со Дуња Ѓузели и Патенталија да биди прв садријаз'м. |
ПАРАЛЕЛА: ДУЊА ЃУЗЕЛИ И ЦАРСКИОТ СИН И МИТОТ ЗА ОЈДИП
Дуња Ѓузели и царскиот син |
Митот за Ојдип |
забелешка |
царски син |
И Ојдип е царски син |
двајцата имаат царско потекло, двајцата се избрани |
А, пак ако се забаам многу години на војска, и ако син ми ти додева за да ти ги сака клучејте од маазите, ама овој што е со нумеро сто, демек стотиот клуч, да не му го дааш дури си жив, а ако не си дојдам јас, а пак ако си дојдам јас, мене ке ми го дајш. - Кога чул царо оти син му ја зел Дуња Ѓузели, ифрит се беше сторил и наместо да му прати тебабија да го пречекаат, беше му го пратил 'рто од сина му што си одел со него на лов … |
Лај, дознавајќи од пророчиштето дека му е судено да биде погубен од рацете на сопствениот син, го оставил Ојдип во планина, со прободени и врзани стапала, одма по неговото раѓање. |
- предизвикана физичка разделба: татко-син - и двајцата растат без своите вистински родители - на почеток Лај заради пророштвото се обидувада го убие родениот син - Ојдип, а и царот посегнува по животот на својот син. |
- Е, вистина сто клучеи, ами еднио јас сум го запрел, чунки имм клетва од татка ти да не ти го даам, чунки ако ти го даам да ја отвориш таа мааза, ти треба да умриш од тоа што ќе видиш натре, да затоа не ти го даам … - Море, али го дааш клучо, али не го дааш, кажи едно од двете? |
На Ојдип пророчиштето во Делфи во младоста му рекло дека ќе го убие татка си и ќе се ожени со својата мајка, а тој ужаснат, решил никогаш да не се врати во Коринт. |
- и двајцата го прават тоа што не смеат: царскиот син ги зема со закана за смрт- клучевите од собата, а Ојдип го напушта Коринт |
,,Бре да видел госпо - си рекол сам со себе јас ја сторив оти е жива ами таа била зографдисана. Ах дали ќе биде жива оваа девојка? Или ќе ја видам жива или ќе умрам! “ |
Не знаејќи ништо за своите вистински родители, тој на патот за Теба го среќава Лај, кого го убива во расправијата за првенство во преминот-теснецот. |
- и двајцата се директни причинители на татковата смрт: Ојдип директно го убива татка си - а царскиот син со одлуката да биде негова девојката ја предизвикува татковата смрт |
- Е, побратиме, ами сега што ќе правиме? Ние останавме бели во очите, орелот ќе се радува со Дуња Ѓузели и ќе си ја има…. - Слушај вамо, љубезна моја, ева како можам да те избавам од тој проклет орел: ти ќе го прашаш кај му стои душата, та како ќе ти кажи, утре ќе дојдам да ми кажиш. |
Стигнувајќи во близината на градот, тој ја разрешува загатката што ја поставува Сфингата. |
- за да стигнат до жената царскиот син добива помошник, а Ојдип ја победува Сфингата. - во двата случаи се користи лукавство-итроштина (јунаштвото и мудроста на јунакот го аплицираме како одличје на царскиот син) |
Коа виде царо оти ништо не му стана на сина му и коа виде и чу оти сета работа му ја изваде Патенталија на мегдан, беше се отрул сам и си умрел, а пак син му се воцарил и седнал на столо да царуа со Дуња Ѓузели и Патенталија да биди прв садријаз'м. |
Затоа што ја победува чудовишната крилата лавица, Тебанците го прогласуваат за крал. Тој се жени со вдовицата Јокаста, така што не знаејќи го исполнува пророштвото |
- и двајцата по смртта на татковците добиваат престоли-стануваат цареви |
Во основата на двете фабули е судбина - фатум во прашање: во приказната за царскиот син тоа е прекршена клетва, а во митот за Ојдип исполнување на пророштво. |