Еве што вели ОО на СДСМ Битола по бурните реакции на јавноста откако од страна на советниците во битолскиот Совет беа едногласно прифатени одлуките за утврдување на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу 18 општините југозападниот регион како и едногласно носењето на одлука за формирање на заедничка комисија за основање на зедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад меѓу 18 општини- Новаци, Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод.
-Бурните реакции во битолската јавност за евентуалната изградба на депонија во Новаци се уште еден доказ дека граѓаните не може и не смее да бидат исклучени од процесот на донесување одлуки кои се од суштествено значење.
Веруваме дека нема граѓанин кој не сака подобар начин на управување со отпадот во Битола од овој што во моментов го имаме со депонијата Мегленци. Но, ретко кој граѓанин верува дека европските стандарди може навистина дословно и без заобиколување да се применат
и во Македонија!
Оттаму произлегува и недовербата во врска со последното гласање во Советот на Општина Битола иако тоа беше ПРВ чекор да се направи обид во насока на решавање на еден горлив проблем. Советниците на СДСМ гласаа ЗА формирање на Комисија, не за отворање депонија за која никој не го видел проектот.
Следниот чекор е Јавна расправа за предлог проектот во која ги охрабруваме сите граѓани да земат учество. Проблемите може и мора да се решаваат само со презентирање на точни и цврсти факти. Спротивно на тоа е хистерија која секогаш е обвиткана со мистерија, сомнеж и тајновитост.
Потсетуваме дека СДСМ инсистираше на граѓанско учество во телата за одлучување во јавните претпријатија уште во јуни 2023 година. Тогаш предложивме и сега го реафирмираме ставот дека надпартиски, стручни луѓе во управните и надзорните одбори се вистинско решение за домаќинско и законско работење на јавните претпријатија! Со оглед на чувствителноста на проблемот со животната средина во Битола, јавното претпријатие кое би стопанисувало со депонијата која ЕВЕНТУАЛНО би се градела во Новаци нека биде првиот вистински тест за намерата сите заедно да направиме нешто повеќе за градот, за сопственото и за здравјето на нашите деца.
На крајот, покрај активното учество на граѓаните во креирањето на стратегиите, плановите и реализацијата на истите, референдумот е највисоката алатка на еколошката демократија во Битола и во Македонија, стои во објавата на Фејсбук на СДСМ Битола .