
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Раководителот од Општина Битола кој е под истрага за дивоградба нема да се врати на работа додека трае истрагата против него.
Суспендираниот инспектор од Општина Битола со дивоградбата во Дихово, чии иницијали се К.М, се жалел до Агенцијата за администрација на решението на општинската администрација, но Агенцијата напротив му ја потврдила суспензијата, дознава „АПЛА“. Вработениот на позицијата раководител на сектор во Општина Битола, од месец мај е дел од предистражна постапка на Основното јавно обвинителство Битола, откако во медиумите се пласираа информации дека луксузната вила со базен во селото Дихово била на инспектор во општината.
Всушност случајот со вилата на инспекторот се обелодени по големата акција на Општина Битола за утврдени незаконитости и дивоградби во Потпелистерието, селото Дихово и населбата Довлеџик во Битола, акција спроведена непосредно по големата трагедија во Кочани.
Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, донесе решение за суспензија на раководителот, но засегнатиот се жалел до Агенцијата за администрација, таа само го потврдила првото решение - осомничениот инспектор да не се врати на работа за да не и штети на истражната постапка.
„Административниот службеник кој е суспендиран од работа, против решението донесено од секретарот на општина Битола од 16.5.2025, поднесе приговор до Агенцијата за администрација. Комисијата за одлучување по жалби и приговори донесе одлука со која приговорот од административниот службеник се одбива како неоснован, а решението од секретарот на Општина Битола се потврдува. Во решението од секретарот наведено е дека, административниот службеник се суспендира поради покрената кривична постапка против него, а повредата е од таква природа што неговото натамошно присуство во институцијата додека трае постапката штетно ќе се одрази врз институцијата односно ќе го осуети или оневозможи утврдувањето на одговорноста.“, одговори Општина Битола на прашањето на „АПЛА“
На 3 април годинава, Општина Битола информира дека „по допрен глас, извршен е увид и на објект во сопственост на вработен во Општина Битола. Обвинителството од Битола веднаш потврди дека е отворена предистражна постапка за сторени кривични дела и дека веќе се преземаат истражни дејствија.
Денеска Општина Битола неведува дека -
„Комисијата по направениот увид во сите расположливи писмени докази, констатира дека првостепениот орган, правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил материјалното право при донесување на решението. Општина Битола, до овој период ги има преземено сите правни механизми пред надлежните органи, кои постапуваат во наведениот случај.“, стои накрај во одговорот од Општина Битола за „АПЛА“.
Градоначалникот Тони Коњановски објасни дека оваа мерка е преземена со цел да се обезбеди непречено одвивање на институционалните процеси и да се зачува интегритетот на општинската администрација.
Анета Блажевска