
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
СДСМ Битола имала предлог кандидат за градоначалник на Битола за локалните избори наесен.
СДСМ Битола веќе била до чекор да избере кандидат за градоначалник на Битола од своите редови, социјалдемократ, а не да поддржи независен, брифираат за АПЛА.мк партиски извори.
Иако наголемо во Битола се шпекулира дека најголемата опозициска партија нема кандидат за градоначалникот (оти никој не сакал да губи) кој ќе му се спротивстави на Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ, партиски извори велат дека има и во игра се двајца, од кои еден е фаворит.
Всушност истите извори неофицијално откриваат дека има поделеност во врвот на партијата во Битола, па едни (поранешни партиски и државни функционери) притискале партијата да поддржи како што рекле „натпартиски“ кандидат, но грото од членството биле на ставот дека СДСМ Битола има кредибилни ликови кои можат да се спротивстават на актуелниот градоначалник на Битола, Коњановски.
Нашите извори велат дека во игра за кандидат е искусен, докажан и политички профилиран член на партијата, поранешен член на Советот на Општина Битола и носител на високи партиски функции, член во партиски тела. Чесен, со интегритет да се носи со кандидатурата. Докажан, жесток критичар на владеењето на екс градоначалникот Владимир Талески. Битолчанец познат во градот.
Во игра била и жена која сама се наметнала како кандидат пред членството на партијата, а која се поврзува со нејзината истакната работа во областа на култура со препознатлив имиџ во градот.
Но, нашите извори велат дека во изминатиот период врз членството силно притискала групата која сметала дека треба да се поддржи „независен“ кандидат. Ваквото мислење наишло на отпор кај членството не само поради тоа што грото социјалдемократи сметаат дека СДСМ не смее да нема свој кандидат, туку поважно било што поддршката за „независниот“ можело да нанесе уште подраматична штета на резултатите на советничката листа на СДСМ.
Односно „независниот“ да ги одвлече и гласовите за советници, па СДСМ да остане народски кажано „со прстот в уста“.
Оттука нашите извори велат дека се чека крајната одлука на лидерот Венко Филипче да пресече кој ќе биде кандидат за градоначалник на Битола. Односно дека Филипче многу добро е запознаен со состојбите во Битола и очекуваат да донесе најдобра одлука за партијата во Битола. Не е исклучено Филипче да се одлучи за кандидат да фрли во игра и еден од носителите на највисоките партиски функции на централно и локално ниво од Битола. Како што најави Филипче во наредните десеттина дена ќе ги објави сите кандидати за градоначалниците за претстојните локални избори, па веројатно и за Битола.
Во целиот овој период се шпекулираше дека СДСМ ја убедува екс градоначалничката Наташа Петровска за се вклучи во изборите како кандидат, како најдоброто решение за да се спротивстави на Коњановски. Но, како одминува времето Петровска јавно не покажува дека има такви амбиции.
А. Блажевска