
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Весна Софронијевска од Битола
Отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски
Почитуван премиер, благодaрам ако пронајдете еден момент од Вашето драгоцено време за да ги прочитате овие редови.
Решив да Ви напишам отворено писмо, за лично да Ве информирам, воедно и македонската јавност за проблемите, со кои што се соочуваме лицата со попреченост.
И како што е ред, најпрвин да Ви се претставам. Јас сум Весна Софронијевска од Битола, родена 1968 година, потполно слепо лице. Физиотерапевт во пензија.
Поводот за ова отворено писмо се актуелните проблеми со кои се соочуваме и три месеци неисплатените хонорари на нашите лични асистенти.
Да одиме по ред.
Во ова обраќање најмногу ќе се задржам на проблемите со кои соочуваме слепите лица во државата, бидејќи тие проблеми, ги чувствувам на своја кожа, јас и мојот сопруг, исто така слепо лице.
Факт е дека сите слепи во нашава држава имаат право на парични надоместоци за нега и помош од друго лице и надоместок за попреченост, како и сервисна услуга личен асистент, бидејќи Законот за социјална заштита ги овозможува овие услуги, но под одредени услови:
-Лицето треба да има најмалку 99% оштетеност на видот.
Но, тука има сериозни злоупотреби, што може да се детектираат, ако се има волја.
Ако лицето сака да биде корисник на услугата личен асистент, треба да поднесе барање до Подрачната единица на Министерството за социјална политика, демографија и млади и ако му е одобрена услугата, добива решение од надлежниот Центар за социјална работа.
Според законот, асистенцијата е овозможена преку провајдери, кои што треба да бидат обучувачи на идните асистенти, да имаат простор пристапен за сите лица со попреченост, да имаат елаборат...Но, до пред 3 месеци, Црвениот Крст во Битола го немаше исполнето условот за пристапност, ама тоа не беше пречка полни 7 години да бидат наши лични асистенти.
Проварјдерите, бидејќи тие се обучувачи на идните асистенти никогаш не повикале лице со попреченост, за асистентите на лице место да видат со кого ќе работат.
Исто така, никогаш не е повикано лица со попреченост да биде обучувач.
Најважната одредба во важечкиот закон за социјална заштита беше личните асистенти да бидат дотогаш невработени лица, но симптоматично е како никој во Министерството за социјална политика, демографија и млади „не забележал“ дека најголем број од личните асистенти се вработени лица.
Констатирам – реалност спротивна на закон!
Зошто го напоменувам сето ова?
Затоа што потребите и проблемите на лицата со попреченост се различни и многу индивидуални.
Кај слепите лица денес голема е потребата од информатичка писменост. Дигитализација на многу услуги, особено на оние што се од суштинско значење за нас, како на пример учество на јавен повик по електронски пат за субвенции за клима уред. Од друга страна, никој во оваа земја не се обидел да направи обуки на слепите лица, барем за најосновните информатички знаења, за да можат сами да се снајдат, а да не ги заборавиме и повозрасните лица, кои што исто така се сериозно дискриминирани на ваквите електронски повици. Има слепи лица кои што живеат сами, па нивните потреби се поразлични од оние кои живеат во семејство, било да се возрасни, млади или деца.
Ако провајдерите навистина се грижат за нашето добро, тогаш зошто повремено не прават обуки за информатичка писменост на личните асистенти што работат со слепите лица?
Проблемот е мошне сложен, бидејќи во оваа земја најслабата алка во целиот систем е немањето контрола врз сите услуги и не така малите средства што се издвојуваат од буџетот, пари на граѓаните.
За да биде појасно, во 2018 година, започна услугата тогаш персонална, а денес лична асистенција. Слепите лица, корисници на двата социјални парични надоместоци, можеа да ја добијат услугата за личен асистент и тоа по 80 часа месечно. Тоа беше одлична можност и ние да живееме поквалитетно, да го почувствуваме животот со сета негова убавина, но набрзо почнаа проблемите, кои што денес се многу сериозни. Најнапред, се појавија многу провајдери, па многу корисници, а денес поради сето тоа и недостиг на пари.
Вие како премиер, но и како Влада генерално се консултирате со низа експерти, но не сум чула дека Ве советуваат лица со попреченост што ја знаат проблематиката.
Почитуван премиер, овој проблем може многу лесно и едноставно да се реши. Еве ги моите размислувања:
1.Строго почитување на Законот за социјална заштита, каде што стои дека личните асистенти треба да бидат невработени лица. Токму поради оваа законска одредба и Агенцијата за вработување во почетокот за нив организираше платени обуки, но со една сериозна мана -никаде не ги обврза да работат барем една година како асистенти, како обврска кон државата за вложените средства во нивата обука.
2.Услугата лична асистенција ја добиваме преку провајдери, кои пак, треба да исполнат одредени услови за да добијат лиценца за лични асистенти, но повеќето никогаш не ги исполнија условите во целост. И тогаш кога се подготвуваше нацрт на законот, и денес, сметам дека државата преку провајдерите само овозможува апсолутна злоупотреба на услугата и ништо друго.
Објективно размислување - зошто провајдерите не се решение на проблемот
Министерството за социјална политика, демографија и млади издвојува бруто по 370 денари на час асистенција. За 80 часа месечно вкупно исплаќа 29.600 денари, а асистентот добива 19.600 денари. Значи, провајдерот по корисник (за што не ми е јасно ни мене), зема 10.000 денари. На асистентите не им се признава ниту јавен превоз, ниту некаква опрема, ниту адекватно се видливи во системот. Кога станува збор за асистенти што имаат двајца корисници, или 160 часа асистенција, математиката е уште појасна и неправедна. Министерството исплатува бруто 59.200 денари, а асистентот добива 39.500 денари.
Почитуван премиер Христијан Мицкоски, Ве прашувам лично, пред македонската јавност: Зарем не е подобро тие пари да бидат дадени за асистенција, но асистентот да биде вработен на неопределено време, со регулиран стаж, здравствено и пензиско осигурување, како и да се тргне од листата на невработени лица?
Со една ваква одлука, веднаш ќе решите два проблеми, нема да се злоупотребува асистенцијата од страна на вработени лица, а истовремено ќе се намали стапката на невработеност, а ние ќе добиеме млади, здрави и постручни асистенти.
Денес, се појави проблем - недостиг на средства, пред се поради сериозните злоупотреби и апсолутно непочитување на законот. Од мај месец нашите лични асистенти немаат земено хонорар!
Има и случаи на лични асистенти со по тројца корисници, спротивно на важечкиот закон, а уште потрагично е што тие истите ви се вработени и во министерствата, поточно во подрачните единици на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Провајдерите имаат само една единствена цел - да дојдат до што повеќе пари, кои се чиста заработка. Нив не им е во интерес да се запрашаат, ако едно лице е во редовен работен однос со полно работно време, како и кога ќе опслужи дури три слепи лица?
Преведено во бројки, еден таков асистент месечно работи 480 часа. Простете, премиере Мицкоски, но дури и вредните Јапонци, физички не се во можност да изработат толку.
Најголем и најчест провајдер е Црвениот Крст и лично, ниту јас, ниту било кое слепо лице имаме нешто против нив, но мислам дека таа невладина организација има многу полиња каде што треба да биде активна, а асистенцијата секако не би требала да биде нивна главна задача , како што е тоа денес. Ние, како граѓани, го допревме дното, кога станува збор за етичките вредности, па ни се случува дури и еден доктор на науки предавач на Универзитетот „Гоце Делчев“ -Штип, да биде квази асистент. Па зарем не е тоа тажно?
Ова мое обраќање го правам и во името на личните асистенти од Битола, но пред се асистентите на слепите, бидејќи ако тие се пожалат во Црвениот Крст веднаш им се вели: „Одете си, никој не ве држи со сила и под принуда.“
Ако еден провајдер навистина постои и мисли за доброто на лицата со попреченост, треба да ги мотивира, да размисли за последиците од таквото неодговорно однесување, бидејќи тие лица имаат една многу одговорна и благородна работа, а да не зборуваме и за тоа дека не е ниту лесно, ниту во ред постојано да ги менуваме личните асистенти. Тоа значи дека нашиот живот, приватноста и финансиите се на тапет и никој не води сметка за тоа колку можеме да бидеме злоупотребени како лица со попреченост.
Весна Софронијевска (десно) со нејзниот личен асистент Елизабета Дивјаковска
Предлог мерки
Неопходна е ревизија и повторни прегледи на сите што примаат додаток за попреченост, бидејќи денес имаме и такви кои возат автомобили и електрични тротинети по улиците, а се корисници на додатокот за попреченост - порано додаток за слепило, исто е и со лица кои го земаат додатокот, а воопшто немаат 99% оштетеност на видот, како што се бара по закон. Секој обичен граѓанин знае дека лице со 1% на преостанат вид не може да оди самостојно на зелен пазар и при тоа да влече количка, да чита цени во маркетите и да пазари самостојно. Овие работи за кои зборувам се лесно проверливи и мерливи. Ако се сака!
Направете и анкета помеѓу корисниците колку од нив би ја користеле услугата личен асистент ако треба за неа да партиципираат со лични средства?
Проверете ги извештаите за работата на провајдерите и кажете ми како е можно провајдерот да биде со седиште во Скопје, а да пружа услуга во Битола?
Почитуван премиер Христијан Мицкоски, почитувана јавност, Ве молам да ме разберете, па на заедничко задоволство да ги решиме проблемите. Ви стојам на располагање, без надомест, да помогнам со идеи и конкретни предлози, се со цел да добиеме квалитетна и правична услуга, а да не ги трошиме парите на граѓаните неодговорно и со низа на злоупотреби.
Со Почит,
Весна Софронијевска од Битола