2win800x200

Битолскиот фотограф Сашо Ставрев со изложба по повод 45 години од Фестивалот „Браќа Манаки“

Октомври 31, 2025

Оваа вечер (31 октомври) со почеток во 19 часот, во Кристалната сала на КИЦ – Офицерски дом во Битола, ќе биде отворена фотографската изложба „45 години Интернационален Фестивал на филмската камера Браќа Манаки“ на битолскиот фотограф Сашо Ставрев.

Изложбата, поставена на 28 големи паноа (90×130 см), содржи неколку стотици фотографии кои ја прикажуваат богатата историја на најстариот фестивал во светот посветен на кинематограферите. Ретроспективно поставена по години, изложбата претставува уникатна фото-архива што ги следи сите значајни настани, гости и лауреати кои во изминатите 45 години продефилирале низ филмскиот град Битола.

Авторот Сашо Ставрев, речиси четири децении присутен со својот фотоапарат на сите фестивалски изданија, со гордост го продолжува семејниот аманет на својот татко Петар Ставрев, кој уште од шесто издание го фотографира овој фестивал. Нивниот труд претставува единствена и комплетна фото-колекција за Фестивалот во светски рамки.

Посетителите ќе имаат можност да видат фотографии од најзначајните моменти на Фестивалот, од првите „Денови на Југословенската камера“ до денешните изданија на „Браќа Манаки“, како и портрети на добитниците на наградите „Златна камера 300“, „Специјална камера 300“, „Креативна синергија“ и „Пионер во професијата“.

Во објективот на Ставрев низ годините се нашле бројни филмски легенди – добитници на „Оскар“, како Свен Никвист, Фреди Френсис, Мирослав Ондричек, Виторио Стораро, како и актери и филмски работници меѓу кои Клаудија Кардинале, Кетрин Денев, Џулиет Бинош, Бранко Лустиг и многу други.

Посебен дел од изложбата е посветен на рубриките „Татко и син“ и „Повторно доаѓање“, во кои Ставрев ја прикажува поврзаноста помеѓу генерациите кинематографери и нивното повторно враќање во градот на првите сниматели на Балканот, Милтон и Јанаки Манаки.

Ставрев најавува дека оваа изложба ќе биде претставена и во други градови низ Македонија, а потоа и во КИЦ-овите во Белград, Загреб, Софија и Истанбул. Воедно, семејството Ставрев работи и на голема монографија посветена на Фестивалот „Браќа Манаки“, која треба да биде објавена следната година како единствена целосна хроника на овој значаен филмски фестивал.

Фотографии: Сашо Ставрев

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани