
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола, денес во 18 часот во Кино Манаки во Битола, премиерно ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Мојот вујко Стив Наумов”. Документарецот е посветен на животот и делото на народниот херој Стефан Наумов - Стив, македонски комунист учесник во НОВ кој загина во 1942 година во борба со бугарската полиција. Прогласен е за народен херој на Југославија на 29 јуни 1945 г. Стив Наумов е исклучително значајна личност за македонската историја и за градот Битола.
Филмот е во продукција на Македонско турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“ - Битола, снимен на повеќе локации низ градот.
Ова е трет филм на авторите Дејан Младеновиќ и Шенол Мемиш, кои, како што велат, работат и на други проекти кои ќе бидат реализирани до крајот на оваа година.

Во овој филм, за животот и делото на народниот херој раскажува неговиот внук од сестра, Стефан Бошков, актуелен претседател на ОО на Сојузот на борци Битола.
„Нашите филмови се прикажуваат во кино сала, затоа што сакаме да ги мотивираме битолчани од сите возрасти да ја почуствуваат убавината, возбудата и пред се разликата од гледање на филм дома, пред компјутер или телевизор и во кино сала, заедно со други луѓе и на големо платно, вели Шенол Мемиш и нагласува дека на проекцијата на овој филм влезот е бесплатен и достапна за граѓаните.
А.Б
