
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Битола ја отвори четвртата серија од генеричките обуки за административните службеници за 2025 година, овојпат наменети за институциите од Пелагонискиот регион.
Министерот истакна дека јавната администрација е „темелот и крвотокот на државата“ и дека нејзината професионализација претставува еден од најважните приоритети на Владата.

Во своето обраќање, министерот го истакна и значењето на новиот Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, со кој се воспоставуваат системски основи за вистинска професионализација на јавната административна служба. Клучен столб на овој процес е формирањето на Академијата за јавни службеници, која ќе започне со работа во 2027 година.
-Академијата ќе биде куќа на знаењето, лабораторија на идеи, универзитет на практиката. Тоа е модел што ја носи Македонија чекор поблиску до европските стандарди, истакна министерот.
Минчев најави и дека значаен дел од реформската агенда ќе биде и Законот за висока раководна служба, со кој ќе се воспостави професионален, стабилен и деполитизиран управувачки кадар.
-Овој закон е гарант на институционална зрелост. Тоа е крај на партизацијата во раководењето и почеток на нова ера на стабилно, транспарентно и професионално управување, порача министерот.
Тој нагласи дека јавната администрација не е трошок, туку инвестиција во стабилноста, довербата и европската иднина на државата.
На крајот, министерот упати повик за заедничка посветеност кон реформите:
„Ова е нашата историска шанса, да создадеме администрација што ќе биде гордост, а не товар; институции што ќе бидат двигател на развојот; држава што ќе биде европска и по вредности и по резултати. Заедно можеме и заедно ќе успееме.“
