В ПОНЕДЕЛНИК БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА ЗА 2026 И ЗАКЛУЧОЦИ ПРОТИВ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ЗА МИГРАНТСКИ КАМПОВИ
За в понеделник ( 29 декември) Советот на Општина Битола ја закажа 4-та седница на која ќе се најдат 87 точки на дневниот ред.
Прва од точките ќе биде донесување Заклучоци против дезинформациите за мигрантски кампови.
Пред советниците ќе се најде и Одлука за давање согласност и овластување за потпишување прелиминарен преддоговор за стратешко/инвестициско партнество на ФК „Пелистер“ АД Битола.
Меѓу точките од дневниот ред се и тие за носење одлуки за давање на користење без надоместок недвижни ствари-простории во сопственост на Општина Битола за период од 10 години на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ Битола, на Здружението за фолклор, песни, игри и обичаи КУД „Илинден“ Битола, на Асоцијацијата за фолклор „Плетенка“ Битола, на Здружението Ансамбл за фолклор „Гоце Делчев“ Битола.
Исто така ќе се носат и Одлуки за давање на користење без надоместок недвижни ствари-простории во сопственост на Општина Битола за период од 3 години на Центарот за развој на Ромската заедница „Баирска светлина“ Битола и на „Здружението на пензионери“ Битола за период од 2 години.
На оваа последна седница за оваа календарска година пред советниците ќе се најде и Буџетот на Општина Битола за 2026 година.
Од денеска започнаа и комисиските расправи кои исто како и седниците на Советот на општина Битола имате можност да ги следите на официјалниот Јутјуб канал на Општина Битола.