Во Битола ќе се основа ново јавно претпријатие за управување со спортски објекти, точката е поставена на деневн ред на Советот на Општина Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски во денешното обраќање до Советот рече дека големи се инвестициите на општината, во спортската инфраструктура, потребно е основање на ново јавно претпријатие за управување со спортски објекти.
-Тука би сакал да се осврнам и на одлуката која денеска ќе ја разгледувате, а се однесува на основање на ново јавно претпријатие за управување со спортски објекти.
Општина Битола во изминатиот период се соочи со голема градежна експанзија во изградба и реконструкција на спортски објекти и сето тоа битолчани го увидоа, а нашата заложба отсекогаш била Битола да биде спортски град. Но, она што се гради треба и да се одржува. Токму затоа, потребно ни е ова јавно претпријатие, рече Коњановски и дополни дека во однос на функционирањето на претпријатието ќе функционира од сопствени приходи кои што ќе може да ги обезбеди со изнајмување на сите објекти кои ќе бидат под негова надлежност.
-Потребата за основање на јавно претпријатие за спортски објекти се оправдува и со листата на објекти кои Општина Битола ги има во делот на спортската инфраструктура во сопственост. Дел од нив се градскиот стадион “Петар Милошевски” заедно со ќумурното игралиште кое е тренинг центар за младинските школи, тениските терени, спортската сала “Боро Чурлевски”, објектот Соколана, односно популарната сала за гимнастички спортови, фудбалските терени во Кравари, Лавци и Г. Оризари, затворениот базен кој е пред завршување, сместен во дворот на ОУ Даме Груев Битола, центарот за спорт и рекреативни активности, односно салата за боречки спортови која е во изградба и ќе биде пуштена во употреба во текот на 2026 година, како и Олимпискиот базен и ракометното игралиште кои во моментот се под концесија, најави Коњановски.
А.Б