По обилните дождови што утрово ја зафатија Битола на социјалните мрежи протекоа фотографии од прокисната училница во една од зградите на ОУ „Гоце Делчев“ Битола.
Од училиштето апелираат да не шири непотребна паника и напоменуваат дека училишните згради имаат потреба од реконструкција.
Соопштението ви го пренесуваме во целост
Во врска со неодамнешните обвинувања за негрижа кон Основното училиште „Гоце Делчев“, би сакале да ја информираме јавноста за фактичката состојба и преземените чекори од страна на училишното раководство и Општина Битола.
НАСКОРО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛ ОД ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“
Основното училиште „Гоце Делчев“, изградено во 1847 година со пет згради распоредени во два блока, претставува столб на писменоста, образованието и едукацијата во нашиот град. Поради своите етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, научни и културни вредности, училиштето е прогласено за културно наследство и е сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста. Оваа карактеристика, заедно со неговата местоположба во централното градско подрачје, значително го усложнува процесот на каква било реконструкција или реставрација, барајќи подолг временски период и добивање согласности и дозволи од Министерството за култура.
Во последните десет години е забележана зголемена потреба за реконструкција на дел од училишните згради. Свесно за ова, актуелното раководство на училиштето, констатирајќи дека претходно не биле преземени потребните чекори за обезбедување соодветна документација, веднаш ги започна постапките за конечно решавање на состојбата во најкритичните делови.
Следејќи ја состојбата, уште минатата година беше констатирано протекување во одредени училишни згради. Бидејќи санацијата не можеше да биде изведена од страна на помошно-техничкиот персонал, веднаш беше известена Општина Битола како основач на училиштето. Надлежните служби на Општината веднаш излегоа на терен, ја констатираа состојбата со записник и ги затворија просториите кои протекуваа, со цел да се обезбеди безбедноста на учениците и наставниот кадар.
Во меѓувреме, согласно законските прописи, Општина Битола изготви проектна документација за реконструкција на објектот со цел зголемување на енергетската ефикасност. Примарниот акцент во оваа документација е ставен на кровната конструкција, а потоа и на фасадите и дограмата на училишните згради. Во тек е завршување на административните процедури околу оваа проектна документација, по што ќе може да се отпочне постапка за самата реконструкција на објектот.
Во однос на обвинувањата кои денес се појавија во јавноста од одредени советници од Советот на Општина Битола, апелираме да се земат предвид горенаведените информации и да не се шири непотребна паника. Училиштето „Гоце Делчев“ ги има преземено сите потребни мерки за заштита и безбедност на учениците. Директорката на училиштето, Наташа Ставревска, постапува одговорно и согласно законската регулатива, и во секој момент е отворена за соработка со сите институции и претставници.
Поради тоа, апелираме да не се претставуваат лажни слики кои, пред се, можат негативно да влијаат врз младите ученици кои се образуваат во нашето училиште.