
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Судскиот совет на денешната седница слушна извештај од тричлена комисија на Советот која истражувала сомнително однесување на претседателката и на судии во Основниот суд Битола, во врска со жалби за притвор во предметот за РЕК „Битола“. Според наодите од 19 истражени предмети во врска со РЕК, има сомневања за рачно доделување на предметот и за составување на посакуван состав на кривичен совет кој одлучувал по жалба за притворот на главниот осомничен, пишува sdk.mk
Тој кривичен совет од ОС Битола решавал по вратен предмет од Апелациониот суд Битола во врска со одбиена гаранција за притворените во предметот за РЕК. Биле контролирани 19 предмети во врска со ова, зашто освен тројцата членови на КС, било опфатено и постапувањето на тамошни судии на претходна постапка.
За подносителите на претставката е спорно што во тричлениот кривичен совет влегле еден граѓански судија и претседателката на Основниот суд Битола.
„Предметот бил даден рачно на судијката која постапува како претседателка на советот, бидејќи судијката по распоред се изземала поради сродство со еден од бранителите. Неа требало да ја заменува претседателката на ОС Битола, но била отсутна, па дошла друга судијка. Подоцна се враќа претседателката и не го зазема заменичкото место во советот, туку си влегува како регуларен трет член. Судијката која била известителка го составила советот дури на 16.01.2026 или 23 дена откако предметот ѝ бил доделен на рака, иако предметот бил итен, со оглед на тоа дека се барало укинување на мерката притвор. Едната од овие судии кои со годишниот распоред била упатена да постапува во овој кривичен совет не е земена предвид да биде дел од овој совет. Образложението за тоа е дека при проучувањето на списите се утврдило дека таа веќе постапувала како судија на претходна постапка во истиот предмет. Но, чудно е како можело таа да постапува на 12-ти по друго барање за истиот предмет, а на 16-ти не можело. Исто така, чудно е како било утврдено дека постапувала во тој предмет како судија на претходна постапка, кога тој предмет воопшто не бил припоен со овој за кој се одлучува по барањето за укинување на притворот“, се посомнева денеска претседателката на комисијата, Сузана Јошевска-Атанасовска.
И другиот судија кој бил распореден во овој оддел исто така бил исклучен од АКМИСОТ, односно системот за електронска распределба на предметите, оти рачната е забранета и се лежи затвор за тоа (случајот Владимир Панчевски).
„Образложението беше дека бил исклучен дека побарал годишен одмор. Судијата барањето за годишен одмор го поднел на 5 јануари за да му трае од 12 јануари до 20-ти, па не е јасно зошто е исклучен уште веднаш на петти“, се посомнева Јошевска-Атанасовски зошто на 8 и 9 јануари кога одел на работа тој бил исклучен од АКМИСОТ за да не му се паѓаат предмет(и).
За неа е чудно и што иако е жалбена постапка за притвор изречен од судија на претходна постапка, претседателката на кривичниот совет самоиницијативно прибирала докази и известувања од институции, што не е нејзина работа. Гаранцијата е прифатена, неколкукратно е повисока од штетата со кривичното дело во предметот.
Постои оправдан простор за загриженост зашто одредени постапки на судиите во Основниот суд Битола отвораат простор за нивно нестручно и несовесно работење, кажа Јошевска-Атанасовска, а Судскиот совет го изгласа таквиот извештај од посетата на Битолскиот суд.
Јавното обвинителство на Битола на 2 јануари 2026 поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во РЕК „Битола“.
Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и директорот на комбинатот Васко Ковачевски, кој е во бегство, вршеле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 4, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Целиот текст на следниот линк https://sdk.mk/
