Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски денеска имаше поздравно
обраќање на работилницата за зајакнување на активностите за контрола на
тутунот и унапредување на услугите за одвикнување од пушење на локално
ниво.
Настанот го организира Министерството за здравство, во соработка со
Светската здравствена организација (СЗО) и Центарот за семејна медицина,
како продолжение на посетите реализирани во месец декември 2025 година.
Работилниците се организираат во контекст на новиот Предлог-закон за
заштита од пушење и програмите за јавно здравје, со цел подобрување на
координацијата и активностите на локално ниво.
Целта на работилницата е да се поттикне дијалог и координација меѓу
локалните институции и да се подготви Акциски план на ниво на Општина
Битола за 2026 година за зајакнување на активностите за контрола на
тутунот, со посебен фокус на унапредување на работата и видливост на
советувалиштата за одвикнување од пушење и подобро информирање на
населението за достапните услуги.
Градоначалникот ја истакна значајната улога на општината во поддршката
на активностите за унапредување на здравјето на населението.
„Како градоначалник на Битола, но и како доктор епидемиолог ја искажав
подготвеноста и лична и на локалната самоуправа за уште поголем акцент
во кампањите против овој порок. Општина Битола има успешна соработка и
со канцеларијата на СЗО во Македонија, министерството и со Центарот за
јавно здравје Битола, во кој неколку години функционира советувалиштето
за одвикнување од пушењето“. рече Коњановски.