2win800x200

Се изведува лифт на архитектонскиот бисер „Алхамбра“ во Битола, конзерваторскиот надзор вели сè е по пропис

Април 16, 2026
фото Анета Блажевска фото Анета Блажевска

Се реконструира и рехабилитира еден од највпечатливите архитектонски бисери на Широк сокак во Битола, објектот познат како „Алхамбра“, а со обновата се изведува и внатрешен лифт.

Познатата „Алхамбра“ е објект со режим на заштита од втора категорија.

Објектот е во фаза на градежни активности, сега во моментов се прави адаптација и реконструкција на внатрешноста, а она на што реагираат битолчани е бетонскиот дел што се гледа на самиот покрив на објектот, што всушност претставува лифтовска куќичка.

 

Алхамбра лифт 2 фото Анета Блажевска

„Алхамбра“ е еден од најубавите објекти на Широк сокак во Битола со историска вредност што дава посебен печат на Плоштадот „Магнолија“.

„Подолго време објектот се реновира, но она што загрижува се тие бетонски  ѕидови што се издигаат над самиот покрив. Некои велат дека се прави внатрешен лифт, други потпокрив, но прашањето е дали ваков објект заштитен со закон може да го менува ликот, дали внатре треба да ја зачува автентичноста или да се модернизира? Добро е објектот да се обнови, да се зачува, но што правиме ако се унакази? Дали тоа што се доградува ќе ја нагрди амбиенталноста на улицата?“, стои во реакцијата на граѓани од Битола до „АПЛА“.

Денеска беше забележително дека градежни работници работат на покривот и во внатрешноста на објектот, а дел од градежниот шут е оставен на плочките на Широк сокак покрај објектот.  

На самиот објект има поставено табла на која пишува дека инвеститор е Снежа Стојаноска, проектант е фирмата „ФОРМИ“ Дооел Битола, надзорен објект „СТОЛБ“ Дооел Битола, а конзерваторски надзор НУ Завод и Музеј Битола.

Изведувач на градежните работи е фирмата „Стентон градба“ од Долно Оризари.

Зоран Алтипармаков, советник – конзерватор во НУ Завод и Музеј Битола кој е конзерваторски надзор на изведбата денеска за „АПЛА“ изјави дека до овој момент реконструкцијата и ревитализацијата на објектот е според планот и одобрената проектна документација.

„Алхамбра“ е значајно културно наследство од втора категорија. До овој момент работите се изведуваат согласно одобрението на проектот издадено во 2021 година. Внатрешното лифтовско јадро е дозволено. Претходно немало лифт, но сега со проектот е дозволено внатрешниот лифт да се изведе во рамките на  реконструкција и ревитализација на објектот. Изведбата е по режим што важи за заштитено јадро“, изјави за „АПЛА“ Алтипармаков, советник – конзерватор во НУ Завод и Музеј Битола кој е конзерваторски надзор на изведбата.

Алхамбра 3 фото Анета Блажевска

Решението за реконструкција на објектот е издадено уште во 2021 година, а конзерваторското одобрение е издадено во јануари 2021 година. „Алхамбра“ е архитектонски бисер од 19-ти век, со фасада која го рефлектира духот на неокласицизмот - стил во кој често се среќаваат симетрија, високи прозорци и орнаменти што ја нагласуваат естетската вредност на градските куќи од таа епоха. Токму овој објект се издвојува од останатите објекти на Широк сокак по својот карактеристичен ориентален стил, кој е редок во овој дел од градот и привлечен за филмската и музичката уметност.

Инаку битолски Широк сокак, старее и се руинира во делот на градбите иако е ставен под заштита на државата како културно наследство. Заедно со велелепните градби на Широк Сокак пропаѓаат и неколку десетици други објекти кои се во централното градско јадро, старите конзулати, објекти покрај реката Драгор, а да не зборуваме за голем број разурнати и оштетени дуќани во Старата битолската чаршија.

Во бројки кажано, 136 објекти во Битола се ставени под заштита на државата, а нивната состојба од ден на ден е се полоша. За нив сѐ помалку се грижат и приватните сопственици. Ретки се случаите кога приватници ги реновираат објектите, но таа обнова треба да се прави исклучиво според законите.

047e0c24 d598 4e5e 8df3 39ca3cdd2b2e

 

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани