
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола - Вандали кршеле и уништувале на повеќе локации низ НП Пелистер за време на празникот. Искршени се табли на детската патека, оштетни се летниковци, на нив се фрлале камење, а влезовите во НП Пелистер служеле и како паркинг за несовесни возачи.
„Националните паркови се најскапиот накит на една држава. НП Пелистер претставува жив музеј на богат биодиверзитет чиј носител е Моликата како пионерски вид. Македонскиот петтоигличест бор е единствениот вид познат во светската дендрофлора кој за првпат е откриен во Македонија и затоа на Баба планина во рамки на НП Пелистер ја имаме шумата со најголемо културно историско значење во нашата држава. За зачувување и заштита на ова непроценливо богатство одговорни сме сите ние и мора да бидеме свесни дека секое наше неодговорно однесување претставува директен атак врз самите нас. Покрај тоа што НП Пелистер е дом на Моликата, Пелистер е и наш дом, наше богатство од каде што доаѓа и чистиот воздух и водата за пиење.
На фотографиите се само дел од многуте примери на неодговорно однесување на посетителите. Искршени нови табли на детската патека, оштетени летниковци и блокирање на влезови на шумски патишта е недозволиво однесување во едно цивилизирано и модерно општество креирано од лица со високо издигната свест за важноста и значењето на природата која не опкружува, природа од која зависи и нашиот опстанок. Морам да напоменам дека НП Пелистер е на самофинансирање и сите уредувачки активности кои ги изведуваат вработените во паркот се исклучително тешки и ризични. Пристапот до голем број места како планински, велопатеки и излетнички места не е возможен со возила и со друг тип на механизација, па вработените најчесто со дополнителен товар на себе од 20кг и повеќе низ тешко пристапен терен се упатуваат до местата предвидени за уредување. Молам и апелирам до сите, заеднички да се грижиме за ова непроценливо богатство“, изјави за АПЛА директорот на НП Пелистер Битола, Иванчо Тошевски.







