
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека компанијата ЕСМ поднела жалба на одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за запирање на истрагата во врска со случајот за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Сега, како што додаде, се очекува Вишото јавно обвинителство да ги разгледа фактите и да одлучи по жалбата на ЕСМ.
Уште еднаш ја оцени како скандалозна одлуката на ОЈО-ГОКК да ја запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Тој информира дека ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, веќе поднело жалба на одлуката.
„ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, веќе вложи жалба на скандалозната одлука на ОЈО-ГОКК. Очекуваме сега Вишото јавно обвинителство правилно да ги разгледа сите факти и да одлучи по тоа што е содржано во жалбата. Да почекаме, па потоа да коментираме“,
рече тој по обраќањето по повод 10-годишнината од работењето на германската компанија „Костал“ во Охрид.
Од компанијата ЕСМ соопштија дека приговорот, односно жалбата е поднесена за да се укаже дека имало одредени неправилности во водењето на постапката и да се побара дополнително разгледување и контрола.
Ова следи откако обвинителката на ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, која го водеше и го затвори предметот, кажа дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ се исказите што пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г.
Според неа, претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавиле дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испораката и дека договорите биле целосно испочитувани.
Од АД ЕСМ потврдија дека нивни претставници дале исказ за време на постапката, но дека лицата што биле повикани, не биле таму за да даваат ставови или оцени за евентуални штети од постапката за набавката на мазут.
Според ЕСМ, тие технички искази се злоупотребуваат за правдање на обвинителката – дека истрагата е затворена бидејќи немало настаната штета. Наместо тоа, велат од „Електрани“, требало да го добијат вештачењето од економско-финансиската област, за да се произнесат по него.
Веќе најавија приговор до Вишото јавно обвинителство. Тврдат дека во него ќе нагласат дека паушално е спроведено вештачењето на доказите од кривичната пријава.
