2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

На денешен ден роден е Блаже Конески

Декември 19, 2018

На денешен дена, 19 декември во 1921 година, во село Небрегово, Прилепско, роден е Блаже Конески,  учесник во Антифашистичката и националноослободителна војна, истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик – прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ), поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и универзитетски професор. Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

 

Основно училиште учел во родното село, а гимназија завршил во Крагуевац, Србија. Студирал славистика на Универзитетот во Белград, Србија и на Универзитетот во Софија, Бугарија. Есента 1944 г., уште пред целосното ослободување на земјата, тој бил во привремениот државен и политички центар на слободната територија во селото Горно Врановци, Велешко и бил член на Агитпроп на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Тука бил преведувач, коректор и лектор на весниците и другите публикации. Бил член на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик и нејзин најистакнат претставник.

По ослободувањето од окупацијата работел како лектор на Македонскиот народен театар. Пред пошироката јавност се претставил во мај 1945 г. со предавањето „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ во Скопје. Од пролетта 1945 г. тој бил на работа во Министерството за просвета, учествувал во многу акции од областа на просветата и културата, а бил еден од основачите на Филозофскиот факултет во 1946 г. Подоцна учествувал во создавањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во 1953 г., на МАНУ во 1967 г., на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 г., на Друштвото (Сојузот) за македонски јазик и литература во 1954 г., на Македонскиот славистички комитет во 1963 г., на сп. „Македонски јазик“ и др.

Блаже Конески, бил декан на Филозофскиот факултет во Скопје и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје (1958-1960). Бил член на академиите на науките на Хрватска (од 1962), Србија (од 1963), Словенија (од 1963), Босна и Херцеговина (од 1969), а потоа и на Војводина и на Црна Гора, како и на Австрија и Полска. Бил почесен доктор на универзитетите во Чикаго (од 1968), Вроцлав (од 1970), како и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил носител на наградите АВНОЈ, „Скендер Куленовиќ“, на Сојузот на писателите на СССР, на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата и др. 

Конески починал на 7 декември во 1993 година во Скопје. 

 

Везилка - Блаже Конески

Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?

- Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века
од двете ниски, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.

2. 

Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се зари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.

За тебе нема ни вечерен запад,
ти - морно око на трепетна срна.
две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои - црвена и црна.

Зар не се плашиш јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.

- И најмил спомен што в душа ми блесна
се гаси од нив ко цвеке без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани