АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од денеска во Центарот за култура во Битола е поставена 44. Државна изложба на детски ликовни творби на тема-„Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“. Поставени се 64 ликовни колекции со 630 детски творби.
Оваа изложба со најголема традиција во државата ја отвори директорката на Центарот за култура во Битола Маја Андоновска-Илијевски.
-Најубавите креации на светот ги создаваат детските очи, бидејќи низ нивната визура работите имаат поубави бои, поголема вредност и се помагични. Оваа изложба е поттик да инспирираме да наградиме, да се запознаеме и да оставиме нешто трајно, рече Андоновска-Илијевски.
На дел од учесниците им беа доделени специјални награди , награди за најдобри колекции и 36 поединечни награди за најуспешни ликовни творби.
-Тенденцијата да се поттикнат и насочат младите генерации да се запознаат со народната култура за да создадат дела инспирирани од традицијата, но во духот на секојдневието предизвикува голем интерес и творечки порив. Илјадници деца , ученици ширум нашата татковина заедно со нивните ликовни педагози неуморно истражуваат низ бесценетиот народен мозаик. Токму затоа активност, истражување, инспирација и креација обезбедуваат континуитет на долгата културна традиција, нагласи Валентин Соклевски, стручен соработник во Центарот за култура во Битола.