2win800x200

Американскиот кинематографер Едвард Лакман добитник на Златната камера 300 за животно дело на 40 издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Јуни 05, 2019

Американскиот кинематографер Ед Лакман (71) е годинешниот  лауреат на Златна камера 300 за животно дело на 40 –тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола, соопштија на денешната прес конференција првите луѓе на фестивалот. 

Тој е еден од водечките светски кинематографери, потписник на повеќе од 80 играни филмови, а неколку од нив кандидати за Оскар. Меѓу филмовите кој ги снимил се „Керол“ со Кејт Бланшет и „Ерин Брокович“ со Џулија Робертс.

Златната камера 300 за Лакман е 41 ва светска награда, плус 42 номинации. Бил номиниран за Оскар за „Далеку од небесата“ во 2002 и за „Керол“ во 2015, обата филма во режија на Тод Хејнис. Со него го има снимено и „Јас не сум таму“, филмот за Боб Дилан и „Музеј на чудата“ со Џулиен Мур. Меѓу режисерите со кои работел се и Роберт Алтман во „Дружина од преријата“ и Пол Шредер со давата филма „Допир“ и „Спијач на светлината“

-Лакман со децении е во врвот на американската кинематографија и повеќе пати номиниран за Оскар. Но сега ние со задоволство му го даваме нашиот Оскар, Златната камера 300 за животно дело, којашто тој апсолутно ја заслужува. Имајќи го за нов лауреат на Златната Камера 300 за животен Опус, со инспиративната димензија на неговата неуморна творечка енергија и со сета негова хумана, алтруистичка благородност-во ликот на Ед ЛАКМАН, прославата на 40 Јубилеј на Браќа Манаки, добива најсоодветен чин на воспевање на уметноста на кинематограферите, рече уметничкиот директор на фестивалот Благоја Куновски Доре. 

Директорката на фестивалот „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска истакна дека подготовките за јубилејното издание се интензивни. 

-И додека сите заедно  работевме напорно на оваа издание, паралелно работевме и на други наши соработки, веќе ве известивме дека фестивалот ја доби големата награда на Имаго за особени заложби во областа на филмската уметност. Наш претставник презентираше пет кратки македонски филмови на фестивалот за краток филм во Познањ, Полска и претставивме пет млади режисери. Минатата недела во Данскиот филмски институт претставивме македонски играни филмови од помладата генерација наши режисери и затоа мислма дека овој фестивал прераснува во партнер на европските и светските фестивали што беше и нашата мисија – фестивалот да не биде само прикажување филмови, туку да биде оска на поврзување на нашите филмски автори со европските и светските филмски автори, рече Теодосиевска. Таа информираше дека годинава терминот на фестивалот е поместен порано заради совпаѓањето со фестивалот во Сан Себастијан и можноста повеќе филмски критичари и новинари, особено од регионот, да можат да го проследат „Браќа Манаки“.

На прес кинфоренцијата беше пуштена и видео пораката на Лакман, кој се заблагодари на наградата и рече дека тоа за него значи уште едно поврзување со неговото источно европско потекло.

„Во источна Европа ја најдов уметноста, во Америка животот“, рече Лакман

Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илиевска, рече  дека оваа година особено внимание Центарот ќе посвети на Фестивалот, со оглед на јубилејното издание. Таа кажа дека не ги добиле бараните средстства за посовремена техничка опрема од Министерството за култура, но дека добиле нов агрегат и Центарот ќе одговори на високите критериуми на фестивалот.

Од името на Општина Битола се обрати Евгенија Бекташ Јосифовска која рече фестивалот „Браќа Манаки“ е дел од годишната програма за култура на општина Битола.

-И организационо и финансиски фестивалот влегува во нашата програма. Како и секоја година, така и оваа фестивалот го помагаме со сместување на гостите и делумно во печатениот материјал, како и во други организациски работи“, рече Јосифовска, која додаде дека Општина Битола многу се гордее со овој фестивал.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани