АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 18 јануари во 1914 година во селото Канино, Битолско, е роден Никола ТОДОРОВСКИ-Коле Канински, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија..
По професија е правник. Основнотои средното образование ги заврши во Битола. Во октомври 1933 година замина на студии по право во Белград. Тука имаше забележителна улога во прогресивното прокомунистичко студентско движење.
Стана член на КПЈ во 1936 г. По завршувањето на факултетот во 1938 г. се врати во Битола и продолжи со својот политички ангажман.
Од 1940 година е член на Месниот комитет на КПЈ-Битола. На битолскиот терен, сред населението е многу популарен.
Во септември 1941 г. стана член на првиот Битолски месен воен штаб, што значи дека непосредно раководи со организирањето на партизанската борба во Битолско.
Поради својата револуционерна активност во време на окупацијата неколкупати е затворан, а есента 1942 г. се приклучи кон партизанските единици.
Во април 1943 г. стана началник на штабот на Партизанскиот одред „Даме Груев“. По формирањето на Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ на 20 мај 1943 г. тој е негов командант. Подоцна е именуван за политички комесар на Вториот баталјон на Третата оперативна зона, познат и како Битолско-мариовски баталјон на Втората македонска бригада. Избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ.
Загина на 22 јули 1944 г., како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада, во несреќен случај при испробувањето на минофрлач кај селото Буринец, Струшко, на планината Караорман.
**************************
НА ДЕНЕШЕН ДЕН 18 ЈАНУАРИ, во 1916 година, во Битола е роден Ѓорѓи Василев НАУМОВ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Потекнува од земјоделско семејство од селото Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија, кое по Првата балканска војна се досели во Битола.
Брат на народниот херој Стеван Наумов-Стив. Работи како шофер и е вклучен во разни активности на работничкото движење во Битола од пред Втората светска војна. Од 1941 г. е член на Комунистичката партија на Југославија. Еден од организаторите на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битола.
Ангажиран во формирањето на првиот битолски партизански одред. На 12 април 1942 г. е во Лавчанската корија каде го организира партизанскиот логор. Откако одредот „Пелистер“ е создаден на 22 април 1942 г., назначен е за командант на одредот.
Спроти празникот Први мај, при извршувањена илегални задачи во селото Лавци, заедно со соборците Стево Трајковски-Тефико и Никола Ѓорѓиевски-Никлецо, е открие и заробен од бугарската полиција. Неколку дена подоцна, односно на 3 мај 1942 г., Првиот битолски партизански одред „Пелистер“ е уништен од бугарската војска и полиција. При натамошните испитувања во бугарскиот истражен затворот во Битола е подложен на страшна физичка тортура, која храбро ја издржа.
Со пресуда бр. 228 од 21 јули 1942 г., осуден е на смрт со бесење и истиот ден пресудата е извршена во скопскиот затвор.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар