Професорот на Техничкиот факултет д-р Дејан Трајковски изработи анализа и за движењето на ковид кризата во Битола. Според него бројките покажаа дека битолчани имаат поголема здравствена култура од останатите граѓани на Македонија.
Анализата ви ја пренесуваме во целост.
Врз основа на движењето на вкупниот број на случаи од почетокот на епидемијата на Ковид-19 до денес, иако се работи за релативно мал број на пресметковни точки, сепак со задоволителна прецизност е пресметан историјатот на промената на базичниот репродукционен број R0, од кој што зависи динамиката на епидемијата. Да се потсетиме, овој број кажува колку (во просек) нови заразени заразува еден заразувач после 4,5 дена откако тој самиот станал заразлив (таканаречен „сериски интервал“ на Ковид-19).
Просечната вредност на R0 од почетокот на епидемијата до 28.06 во Битола изнесувала 0,96, за разлика од просечната вредност на ниво на цела Македонија од 1,39. Иако разликата на прв поглед изгледа мала, таа суштински го менува текот на целата епидемија. Битолскиот R0<1 значи дека немавме експоненцијален раст на епидемијата, туку само линеарен раст од спорадично заразување и ограничена внатрешна трансмисија (пренос). Одвреме-навреме се појавувале увезени случаи, но благодарение на дисциплината на Битолчани еден заразувач ретко заразувал повеќе од еден нов заразен, поради што бројот на нови случаи бавно растел, а бројот на активни случаи постепено се намалувал.
Можеме, дури, статистички да го пресметаме и соодносот на дисциплинираното и помалку дисциплираното (односно помалку внимателното) население во Битола. Сметајќи со природниот репродукционен број 3,0 на Ковид-19, кој би се јавил доколку никој не применува никакви мерки за заштита, односно ако сите се затекнати неподготвени, уделот на невнимателно население кај нас бил околу 0,96 * 1/3 = 32%. Од друга страна, статистички околу 68% биле внимателни.
Се разбира, секогаш може и подобро, а овие охрабрувачки бројки не треба да ни дадат лажна сигурност па да се опуштиме премногу. Напротив, нека им послужат како поттик на сите уште повеќе да внимаваат на мерките и дополнително да го намалиме репродукциониот број, особено сега во време на вториот бран на заразување.
Инаку, доколку Битолчани се однесувале помалку внимателно, како во остатокот од државата каде репродукционен број изнесувал 1,39, до денес во Битола ќе имало вкупно околу 300 случаи и 150 активни, со најмалку 15 починати.
Уште еднаш честитки и благодарност до сите за дисциплината и вниманието, а до младите порака помалку да се групираат, да носат почесто маски и да одржуваат поголемо растојание кога се во друштво, пишува професорот Трајковски.