2win800x200

Битола во потрага по ковалесцентна плазма за тешко болните

Март 29, 2021

 

Сѐ повеќе, од час во час, се бара ковалесцентна плазма за хоспитализираните во Ковид центарот во Битола, откако последните денови расте бројот на заболени со тешка клиничка слика. Битола минатата недела буквално се крена на нозе откако на Фејсбук групите се апелираше час поскоро да се дарува плазма за млада жена. Пријатели на заболената жена со Ковид-19 велат дека за неполн часа успеале да ја најдат соодветната крвна група, за што на повикот се јавиле над стотина битолчани прележани од Ковид-19, пишува https://nezavisen.mk/

„Мора да се подигне свеста кај битолчани да даруваат плазма, а со тоа да спасат нечии живот. Да си помогнеме во ова тешко време за сите, штом има лек да не се пропушти шансата“, пишуваат битолчани на ФБ   

Официјално од битолска трансфузиологија велат дека имаат големи побарувања за ковалесцентна плазма од Одделот за инфектологија и потврдуваат дека досега на триесеттина заболени им е дадена плазма во Битола.  

„Со новиот бран на заболени и хоспитализирани во Ковид центарот во Битола имаме голема потреба од ковалесцентна плазма. Досега ги задоволувавме потребите, но сега овие денови има поголема побарувачка. Видовме дека имаме потреба од поитно работење. Ја интензивираме постапката со дарителите на плазма, кои го прележале вируст“, потврдува за „Независен“ д-р Лидија Вилос раководител на Регионален центар за трансфузиологија – Битола.

Искуството покажува дека плазмата дадена во првите денови од болеста има ефект вели д-р Вилос специјалист по трансфузиона медицина.

„Колегите од Инфектологија велат дека ако плазмата се даде рано, во првите неколку дена од болеста, има голем ефект. Досега триесетина битолчани примиле ковалесцентна плазма, а имаме и денеска дарување на плазма. Битолчани кои досега дарувале плазма се помалку од триесеттина, важно е дека имаме кандидати и ги повикуваме да даруваат“, вели д-р Вилос.

Директорот на Клиничка болница д-р Билјана Гагачовска информира дека денеска во двата ковид центри во Битола се хоспитализирани 76 пациенти и сите се со тешка клиничка слика, па поради тоа расте потребата од плазма.

„На Инфективното одделение во Битола плазма им се дава на заболените од крајот на декември, минатата година и искуството покажа дека има подобрување во клиничката слика на заболените. Плазмата се дава по одредени протоколи без оглед на возраста на пациентите. Деновиве имаме зголемена потреба од плазма, бидејќи сите хоспитализирани се со тешка клиничка слика и дури 70 од нив се на перманентна кислородна поддршка“, потврдува д-р Гагачовска.

Она што може да смета за застој за дневните и итни потреби од плазма кај заболените е временскиот период – плазмата испратена од битолските дарители да се анализира во Скопје, да се потврди и да се врати назад во Битола, поради што изминуваат десетина дена, драгоцено време да се спаси човечки живот. Трансфузиологот Вилос вели дека се прават напори тој временски период да се скрати во интерес на заболените и севкупната ситуација со ковид кризата во Битола и регионот.

„Дарувањето на ковалесцентна плазма е државен проект, крвта од дарителите ја праќаме во Скопје за анализа, за десеттина дена од таму ни враќаат резултати па ги повикуваме дарителите да дадат крв. Меѓутоа од денес ја забрзуваме постапката бидејќи имаме многу побарувања за ковалесцентна плазма од колегите инфектолози од Битола. Имаме соработка и со Центарот за јавно здравје во Битола, земаме брисеви дали дарителот е негативен на вирусот и епрувета со крв за присуството на антитела“, вели д-р Вилос.

Од Трансфузиологија апелираат битолчани кои го прележале вирусот да се јават на одделот и да даруваат ковалесцентна плазма со цел да помогнат во што побрзо опоравување од вирусот кај моментално заболените. Како клучен ден за дарителите ја одредуваа секоја среда.

„Секоја среда Трансфузиологија е отворена за дарители на ковалесцентна плазма од 8 до 9 часот наутро. Организираме групи и оваа среда со цел да даруваат плазма, потребата  е голема апелираме до битолчани да даруваат крв“, нагласува д-р Вилос.

Инаку во регионот, Прилеп предничи пред Битола и Охрид по дарувањето ама и по лекувањето на болните од Ковид-19 со ковалесцентна плазма. Трансфузиологот Вилос вели дека состојбата во Прилеп се должи на тоа што вториот бран на заболени од Ковид-19 се случи побрзо отколку во Битола.

Во Битола во моментов од вирусот се активно болни дури 659 лица, а само за една недела починаа 16 битолчани.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани