Локалната самоуправа континуирано работи на реализација на инфраструктурни и други програмски активности со цел подобрување на животот на лицата со попреченост. Во таа насока, продолжува изградбата на пристапни рампи на сообраќајниците, со цел олеснување на движењето на инвалидизираните лица. Покрај прилагодувањето на 17 локации на улицата „Партизанска“, каде што е направено спуштање на тротоарите, како и активностите кои се во тек на други улици, деновиве завршено е и уредувањето на пристап на улицата „Девеани“, кое беше започнато минатата недела.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, продолжува со инвестиции во оваа насока и преку програмата за социјална заштита за 2021 година. Согласно објавениот јавен повик за искористување на средства за адаптација, изградба или поставување на инфраструктура и опрема за физичка пристапност во домот на лица со попреченост, на петте апликанти кои аплицираа на повикот, исплатени им се 150.000 денари, со цел надминување на досегашните бариери кои значително им го отежнувале животот. Со добиената финансиска поддршка, на апликантите овозможено им е поставување на портабилни рампи, како и адаптации на санитарни јазли и замена на врати со пошироки без праг.
Јавниот повик за кој се обезбедени 1.000.000 денари е отворен во текот на целата година, до целосно искористување на средствата.
На иницијатива на Градоначалничката Петровска, со средства од над 1.500.000 денари, во изминатиот период, општината обезбеди лифт за влез во општинската зграда и изврши целосна санација и адаптација на тоалет наменет за лицата со потешкотии во мобилноста. Исто така, се направи и пристапна патека во салата на Советот на Општина Битола, со што се овозможи за првпат влез во салата за лице кое користи количка, присуство на состаноци и учество во процесот на носење одлуки. Општината инвестираше и во пристапност до Дневниот центар за лица со телесна и интелектуална попреченост. Преку проектот СМАРТ КУЛ ТУР, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка направена е пристапност и до Археолошкиот локалитет Хераклеа. Дополнително, со инвестиција од 2 700 000 денари, преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од УНДП, општината на 4 локации ги збогатени можностите за детски креативно рекреативни активности, преку изградба на детски инклузивни паркови, детски креативни игралишта, а во својот возен парк обезбеди уште едно транспортно возило – минибус, наменето за лицата со попречености.