АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Кинематограферот Кристијан Бергер, кој во малата сала на Домот на културата одржа работилница насловена „Еволуцијата на рефлектирачкото светло“. Учесник во работилницата беше неговиот близок соработник Јакоб Балингер, гафер (gaffer, шеф на одделот за осветлување на сетовите на филмските и телевизиски проекти) во десетици проекти кои ги снимиле последнава деценија.
Бергер е водечки европски и светски кинематографер, професор на Академијата за филм и ТВ во Виена, Австрија, и пронаоѓач на системот за осветлување Cine Reflect System Berger/Bartenbach, што го направил во соработка со „Бартенбах Лихтлабор“. Темата на првата работилница од годинешната фестивалска програма беше како неговиот систем овозможува многу нови естетски можности за камерата и директорите на фотографија, а исто така им дава слобода и флексибилност на актерите и режисерите, бидејќи ја елиминира потребата за многу кабли, стативи, филтри, електрична опрема и техничари околу актерите на момент кога се снима сцената.
Методот на осветлување Cine Reflect Light System (CRLS) е развиван последниве две децении. Бергер на почетокот на предавањето посочи дека сè во процесот на снимање филм зависи од светлината. Балингер, пак, потенцираше Бергер како уметник на подвижните слики, сака дс слика со светлина.
На едноставен и извонредно интересен начин Бергер и Балингер на присутните им го презентираа методот Cine Reflect Light System (CRLS) преку мала црна кутија отворена од едната страна и со прозорче од едната страна. Со едноставно осветлување со светло од батерија присутните имаа можност да видат како може да се слика со светлина во секоја прилика и во сите простори, без разлика дали се мали или големи.
Презентацијата на методот на осветлување на Бергер продолжи со видео-презентација на документарни снимки од разни проекти и актери со кои работел кинематограферот. Фасцинантна е едноставноста со која Cine Reflect Light System (CRLS) ги менува традиционалните техники на осветлувања со големи волтажи и гломазни рефлектори. Бергер и Балингер потенцираа дека со овој систем се добива поприродно светло отколку со употребата на сончевата светлина или класичните рефлектори. Присутните видоа снимки на системот Cine Reflect Light и останатите класични методи на осветлување, па можеа да споредат колку е ефикасен методот на Бергер.
Поради неговата креативност како кинематографер Бергер беше претседател на жирито во 2008 година на 29-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“; во 2012 година, на 33 -то издание на фестивалот „Браќа Манаки“, тој беше добитник на специјалната „Златна камера 300“ за посебен придонес во уметноста на филмот. Годинава е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело и е најновиот член на фестивалскиот „Клуб на великани“ на „Браќата Манаки“. Врвот на неговата креативност како водечки европски и светски кинематографер е неговата соработка со веќе култниот австриски, европски и светски режисер и сценарист Михаел Ханеке, и неговите најважни дела имаат визуелен печат на Бергер. Соработката со Михаел Ханеке резултираше со ремек -дело „Белата лента“, која ја освои „Златната палма“ во Кан во 2009 година. Наредната година Бергер беше номиниран за Оскар за најдобра кинематографија и ја освои престижната награда на Американското здружение на кинематографери. Во 2010 година стана член на АМПАС/Академијата за филмски и научни науки, која ги доделува Оскарите.
Во чест на годинешниот лауреат Кристијан Бергер вечерва во киното „Манаки“ ќе видиме дел од неговото мајсторство во филмот „Хана Монструм, Либлинг“ (Hanna Monster, Liebling) од 1989 година, во негова режија.