АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поетската книга „Алхемија на вечната земја“ од д-р Лили Бошевска беше промовирана синоќа во преубавиот амбиент на Офицерскиот дом во Битола.
Модераторот на настанот поетесата Биљана Т. Димко во воведот истакна: „Се противам на анализирањето на поезијата, затоа што сметам дека поезијата треба да се почувствува на индивидуално ниво, и она што е најинтересно кај поезијата - кај секој нејзин читател влијае различно, буди различни чувства, исцелува различни рани, поезијата е како ѕвездено небо, не секогаш го разбираме ѕвездениот покров, но никогаш не остануваме рамнодушни на таа воодушевувачка глетка.“
„Исконски плач и тага по татковината“, вели рецензентката Марина Стефановска- Јовчева. „Секоја песна претставува болно обраќање на поетот кон сечии корени кои потекнуваат од библиската македонска земја. Ги открива како ново зреење, храброст, сонување и откровение, на сѐ што во нејзината душа оставило вечна трага, лузна, печат, љубов или болка.
Егзистенцијалистички претставени се интимните длабоки средби на поетесата со сегашноста, со минатото, со иднината, надежите, јанѕите, со губитоците, страдањата, празнотијата, пустотијата и со самата себе.
Во големите и пресвртни историски настани писателите учествуваат на свој најдобар начин: со уметничкиот збор.
Творештвото е голема човечка сила,една од основните за градење на светот од страна на човекот. Во творештвото, резултатот на идејата и на активноста е особено дело, кое не постоело дотогаш, а сега го збогатува севкупното постоење. Токму такво дело претставува стихозбирката „Алхемија на вечната земја“, која останува да живее како возвишен човечки документ за простумењето, вербата и решителноста во одбраната на македонскиот идентитет.
Според историчарот на уметноста Владо Ѓорески- Рафик: „Лили Бошевска, повеќе не зборува за поезијата како восхит и чувствено пеење, оваa збирка е своевидно археолошко пребарување на фрагментите од поетската алхемија со која беше создадена една земја, еден човек, една верба.
Фосилни траги на сите молитви, знаци кои се во минатото и иднината, затоа што ниту минатото ниту иднината не поминале ниту допрва ќе се случуваат, тие се дел од вечноста која не е време, не е изгубен последен човек и не е денешната тишина од која се таложи оловното сивило на безживотноста. Денес да се пишува поезија е токму тоа алхемиско пребарување во каменот, во земјата, во глината од која беше создаден човекот. Алхемија која не бара формули како од една материја да се стигне во друга, впрочем и никогаш не била тоа, алхемија која вечно ја пребарува вистинската земја, вистинскиот свет, вистинската светлина од која е создадена бесмртната душа.“
За поетската книга на Бошевска, поетесата Весна Мундишевска Велјановска, во својата рецензија запиша: Книгата „Алхемија на вечната земја“ е несекојдневно доживување на многуте трансформации на опстојот на вечната земја, но и восклик на Бошевска за љубов и заедништво, за пронаоѓање на местото на секого во фамилијата наречена народ, извик за слобода на духот и препознавање на волшепството на опкругот, себеидентификација и кодификација на свое видување за човечкото и животот со фокус во космологијата на поетскиот универзум концентриран во нејзината „домија и бездомија... Света Македонија“. Претворајќи го секој камен, секоја тревка, секој сончев зрак, секој здив и воздив на роднокрајот и родољубието во еликсир за вечност, Бошевска го отвора порталот за бесконечен живот на вечната земја.
Музичкиот центар Korunovska Music & Singing, со професорките Александра Ристовска и Марина Коруновска, го подготвија музичкиот дел во кој настапија Емилија Ристевска, Сара Ковачка и Марија Цветановска како солисти, Димитар Србиноски- пијано и Петар Коштревски- кахон.
Уметничките фотографии на Љупчо Илиевски- Машлак, кои се поместени како илустрации во книгата, сега беа претставени на изложбата со која го надополнаа естетското восприемање и го збогатија визуелното доживување на просторот и настанот воопшто.
Низ поетската алхемија на стиховите на Бошевска нѐ водеа гласовите на Никола Ристевски и Соња Михајлова, а публиката, барем еден час ја заборави сервираната реалност и ѝ се препушти на поезијата.
На прашањето зошто токму алхемија во насловот, Бошевска истакна:
Најверојатно секој од нас, некогаш, кренал камче од земјата и посакал да го претвори во дијамант? Или пак парче обичен метал да го претвори во чисто злато? Луѓето имале такви желби уште од древните времиња и се труделе вистински да ги остварат. Се обидувале евтините метали, да ги претворат во злато и сребро. Така обично ја објаснуваме алхемијата при прва помисла. Но, тоа била намерата на алхемичарите само на почетокот, кога сѐ уште не осознале дека златото не може да купи радост, љубов, здравје. Токму затоа, подоцна, алхемијата се сосредоточила на изнаоѓање на таканаречениот камен на мудроста и еликсир на животот, а јас во книгата пеам за овие аспекти на поимот алхемија. Нашава Македонија ја има вградено тајната на алхемијата во секој човек, камен, тревка, вода или птица која го надлетува нашево небо. Ние само треба да се заслушаме, загледаме, препуштиме, да ги „прочитаме“ знаците кои ни ги соопштува на секој чекор и да ги откриеме тајните кои можат да се декодираат само со љубов, заедништво и разбирање“