2win800x200

Поради дефект во котелот на Блок 1 за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот Блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата. Станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скинатата цевка што се смета за лесен испад на постројката. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде вратен на мрежа, соопштија од ЕСМ.            

Се работи и на оспособување на Блок 2 кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава.  Во меѓувреме АД ЕСМ ги задоволува потребите од останатите капацитети, како и со набавена електрична енергија, како резерва при вакви куси испади, велат од ЕСМ. 

 

Во насока на обезбедување стабилност на електроенергетскиот систем, од денеска во функција е ставен и вториот блок на РЕК Битола, што значи дека комбинатот работи со двата блока како што беше предвидено, соопштија од Владата. 

„Граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од страна на АД ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена, и ова е само показател дека Владата направила добра проценка воведувајќи го Универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи. АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата. Дополнително, кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија“, соопштија од Владата. 

Додаваат уште дека беше донесена беше и мерка за намалување на ДДВ кај електричната енергија во јули годинава. Целта на оваа мерка беше токму заштита на стандардот на граѓаните, односно да се овозможи пониска цена и намалување на трошоците на домаќинствата.

„Ние како држава не можеме да влијаеме на случувањата на светските берзи, и токму затоа правиме напори преку АД ЕСМ и зголемувањето на производството да обезбедиме дополнителни количини на електрична енергија кои ќе го амортизираат ценовниот шок и на компаниите.Како резултат на соработката со Стопанската комора и Владата, договорено е да се преземат мерки да се обезбеди поевтина домашна електрична енергија преку АД ЕСМ, односно со зголемување на производството на државната енергетска компанија, со цел да се заштити стопанството и стопанските субјекти.Со новите насоки, АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што беше и објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на третиот блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј. Со оваа произведена енергија треба да се зацврсти електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, АД ЕСМ ќе ги продаде на слободниот пазар за македонските компании и со тоа ќе оствари приход за компанијата и за државата“, велат од Владата. 

Количините на јаглен за Осломеј ќе се обезбедат, додека за количините на јаглен за Битола објавен е нов повик, и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини на јаглен.

Како дел од соработката со Стопанската комора, се анализираат и можностите за обезбедување на мазут во најкус можен рок, како би можело и ТЕЦ Неготино да се вклучи и да работи со целосниот капацитет. Во наредниот период од две недели очекуваме и ТЕЦ Неготино да започне со пробна работа, имајќи предвид дека последен пат работела во 2009 година.

„Ги уверуваме граѓаните, како и стопанствениците, дека државата е, и ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за да изнаоѓаме решенија сè со цел зачувување на благосостојбата на граѓаните. Состојбата се следи, се одржуваат редовни состаноци помеѓу сите чинители во енергетскиот сектор со цел изнаоѓање на најоптимални решенија поради проблемот настанат пред се на светските берзи со електрична енергија“, велат од Владата. . 

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани