АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вербалното и физичко насилство е сериозен проблем со кој се соочуваат докторите во секојдневното извршување на своите работни активности и потребно е итно преземање на мерки кои ќе придонесат за подобрување на состојбите, апелира Лекарската комора на Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 12 Март, Европски ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и другите здравствени работници. Во Лекарска комора денес се организираше средба по повод одбележување на Европскиот ден на која присуствуваа министерот за здравство д-р Беким Сали, заменик-министерот доц. д-р Владимир Рендевски, претседателот на Фармацевтска комора проф. д-р Бистра Ангеловска и претставник на Стоматолошка комора Јордан Стојаноски.
Со цел да направи пореално димензионирање на проблемот Комората спроведе анкета во која на електронскиот прашалник испратен до нејзините членови одговорил испратиле 1.061 испитаник, од кои 77,9 отсто одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век. Висок процент од 76 отсто одговориле дека доживеале некаков некој вид на насилство во последниве 12 месеци. Од вкупниот број на оние кои одговориле позитивно на прашањето дали биле изложени на насилство, 79,9 отсто одговориле дека доживеале вербално насилство со викање и навредување, 34,5 отсто биле жртва на вербално насилство со закана дека ќе биде извршено и физичко насилство, 43 испитаници или 5,2 отсто биле изложени на физичко насилство без телесна повреда, а 13 испитаници или 1,6 отсто доживеале физичко насилство со телесна повреда.
Според одговорите на анкетираните нападот почесто го извршил некој кој бил придружба/роднина на пациент во 63,2 отсто од случаите, додека пациентот извршил насилство во 53,6 отсто од случаите. Во однос на причините заради кои е извршено насилство 52,1 одговориле дека тоа е заради незадоволство на пациентите предизвикано од неисполнети желби за одредена дијагностичка процедура или терапија, а 37,7 отсто е поради административни процедури, како на пример, долго чекање за преглед или неможност да се закаже одредена дијагностичка процедура.
Само 30.9 отсто од анкетираните доктори кои доживеале некаков вид на насилство на работното место го пријавиле инцидентот, најчесто кај својот работодавач (70.6%) и во полиција (42.7%). Поголем дел од инцидентите или 69,1 отсто не се пријавени, а како причина за непријавување на нападот во анкетата докторите наведуваат страв од негово повторување и недоверба во институциите.
„Бројките се загрижувачки, поради што и апелираме за поскоро донесување и ставање во сила на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник на работно место ќе се смета за напад врз службено лице и по службена должност ќе се води кривична постапка против сторителот. Досега се направени измени на Законот за здравствена заштита, но за ова да почне да се применува во пракса потребно е да се направат и измени на Кривичниот законик за што е подготвен предлог-закон кој е во собраниска процедура на носење. Денеска нa Европскиот ден посветен на подигнување на свеста за борбата против насилството врз лекарите и здравствените работници јавно ги потсетуваме пратениците дека тие се на потег, бидејќи предлог-законот веќе неколку месеци е во собраниска процедура“, истакна претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, додавајќи дека лекарите и пациенти имаат иста и заедничка цел, а тоа е обезбедување, односно добивање на квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне единствено преку заедничко делување и соработка.
На денешната средба со министерот за здравство д-р Беким Сали се разговараше и околу преземање на дополнителни мерки, како што се ангажирање на професионално обезбедување и поставување на безбедносни камери, едукација на лекарите за справување со критични ситуации, како и едукација на пациентите во однос на нивните права и обврски во здравствениот систем.
„На овој ден сакам да потсетам дека во пандемијата со коронавирусот здравствените работници се на прва линија на борба со вирусот и нивната улога, вклучувајќи ја и пружената грижа за пациентите е клучна за стравување со вирусот. Недозволиво е во 21 век да има ситуации на напад врз лекари, така што со сиот свој авторитет ќе се заложам за поголема заштита на лекарите и на сите здравствени работници. Од позиција на министер, но и како доктор ќе се заложам заедно со стручната фела за овие законски измени да бидат побрзо донесени и имплементирани во пракса“, изјави министерот Сали.
Лекарска комора во 2017 потпиша Декларација „Стоп на насилство врз здравствени работници“ во Љубљана заедно со коморски здруженија од 15 земји од Централна и Источна Европа, членки на ЗЕВА. По овој настан Декларација - Стоп на насилството врз докторите на медицина, стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници. беше потпишана и во нашата земја од страна на Лекарската комора, Стоматолошката комора, Фармацевтската комора, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Министерството за здравство.
Ковид - 19 сериозно ги засега дијабетичарите бидејќи тие иако не се разболуваат почесто во споредба со општата популација сепак, во случај на инфекција, развиваат потешки форми на болеста кои може да завршат и со смртен исход. Кај пациенти со дијабетес кои се инфицирани со Sars-CoV-2 неопходно е почесто да се контролира нивото на шеќер во крвта, гликемиската терапија да се прилагодува на дневна база и пристапот во лекувањето да биде во зависност од тежината на болеста. Ова се препораките кои проф. д-р Татјана Миленковиќ од ЈЗУ Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот ги сподели на неделната он-лајн дебата која ја организира Лекарската комора на РСМ, а овој пат беше на тема „Ковид-19 и дијабетес“.
Пациентите со белодробна опструктивна болест, дијабетес, хипертензија и малигни тумори имаат значително поголем ризик за тешка форма на болеста ковид - 19.
"Во секојдневната пракса и соочување со овие пациенти гледаме и дека колку е поголем број на коморбидитети толку се поголеми и шансите за да дојде до компликации и фатален исход“, изјави проф. д-р Миленковиќ.
Таа потенцира и дека направени студии потврдуваат дека дијабетесот е навистина голем ризик фактор за морталитет од ковид - 19.
„Голема национална студија во Кина покажала дека морталитетот на пациенти со дијабетес бил 10 проценти, додека кај пациенти без дијабетес 2.5 проценти. Кинескиот центар за контрола и превенција на болести изјави дека пациентите без коморбидитети имаат стапка на морталитет 0.9%, додека кај пациентите со дијабетес стапката на морталитет е 7.3%“, објасни проф. д-р Миленковиќ.
Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик за компликации од ковид-19 и фатален исход поради повеќе причини меѓу кои и тоа што имаат дефекти во имунитетот, имаат зголемен ризик за тешки инфекции поради зголеменoто ниво на цитокини, а инфекцијата со ковид-19 ја зголемува состојбата на инсулинска резистенција кај дијабетесот.
„Целокупната смртност од ковид-19 е поголема кај луѓето со дијабетес тип 1 во споредба со дијабетес тип 2. Главните ризик фактори кај пациенти со дијабетес тип 1 за полош клинички исход на инфекција со вирусот се пациенти постари од 50 години, долго траење на дијабетесот, голема преваленца на придружни заболувања. Забележана е поголема зачестеност на дијабетесна кетоацидоза кај деца и адолесценти со новоткриен тип 1 дијабетес за време на ковид-19, но инциденца е иста во споредба со претходните години во истиот временски период што се претпоставува дека покажува дека ковид - 19 не ги зголемува шансите за појава на тип 1 дијабетес, само ја влошува прогнозата за лекувањето“, објаснува проф. д-р Миленковиќ.
На лошата состојба на пациентите со дијабетес влијае и тоа што долго време се во домашен карантин, не се подложни на редовни контроли што дополнително го влошува дијабетесот и допрва ќе се гледаат негативните последици од тоа, а и стресот и паника која ја чувствуваат негативно влијае на регулацијата на шеќерот.
Иако не постојат доволно докази за медицина базирана на докази за ковид-19 третман кај луѓе со дијабетес, сепак постојат препораки. За лесни и умерени помлади пациенти со ковид-19, треба да се држи строга / тесна гликемиска контрола (4.4-6.1 гликемија на гладно и 6.1-7.8 после оброк). За лесни и умерени стари пациенти или пациенти на гликокортикоиди, потребна е пониско или средно ниво на гликемиска контрола ( 6.1 -7.8 кликемија на гладно и 7.8-10 после оброк). За тешки и критични пациенти, постари пациенти, пациенти кои не поднесуваат хипогликемии или пациенти со сериозни кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања, потребно е да се одржува ниско ниво на гликемиска контрола (7.8-10.0 на гладно и 7.8-13.9 после оброк).
Проф. д-р Миленковиќ појасни дека точно се знае кои од препаратите за лекување на дијабетесот може да се даваат на дијабетичарите со ковид-19, а кои може да ја влошат состојбата и треба да се одбегнуваат. Какво ќе биде лекувањето зависи од тежината на болеста и од видот на дијабетот.
"Гликемиската контрола мора да се оптимизира, особено кај хоспитализирани пациенти со дијабетес, потребно е често прилагодување на терапијата. Метформинот може да се користи кај лесни случаи со ковид-19 сѐ додека кислородната сатурација е добра, но ако таа намалува лекот треба веднаш да се прекине и да се премине на инсулин. Инсулинот се преферира како најмоќно средство за контрола на гликемијата и кај некритични пациенти се дава поткожно, додека кај критични пациенти со сериозно нарушување на гликемијата, дехидратација и електролитен дисбаланс инсулинот се дава инстравенски со интензивна инфузија на течности“, изјави проф.д-р Миленковиќ.
Лекарската комора како највисоко стручно здружение на докторите по медицина, упатува апел и ги повикува сите граѓани да ја препознаат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме предизвикана од ширењето на ковид-19 и со заеднички придонес и делување да им помогнат на лекарите во борбата за заштита на индивидуалното и колективно здравје, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошното ширење на вирусот и да се избегне колапс на здравствениот систем.