АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во симболичен број, точно деведесет и девет балони, денес беа пуштени од деца со типичен и атипичен развој во зоолошката градина во Битола одбележувајќи го 2 април, Меѓународниот ден за подигање на свесноста за аутизам. Балоните беа обоени во сино, боја за поддржка на лицата со аутизам, а бројот 99 ја симболизира слободата и внатрешниот мир.
Настанот беше на иницијатива на Билјана Гагачовска специјалист психијатар суб- специјалист по детска и адолесцентна психијатрија која веќе седум години работи со деца со типичен и атипилчен развој во Одделението за ментално здравје за деца и млади при Клиничка болница Битола. Иницијативата ја поддржаа Здружението „Хармоничен свет“, Ротари клубот Битола и Здружението „22 Нентори“, како и мајка на дете со атипичен развој Ана Ѓоргиев.
„Целта на настанот беше дружба на децата со типичен и атипичен равој зашто годинешното мото на денот е ‘Инклузијата е она што треба да го постигнеме’ , а мојата идеја за овој настан беше 'Заедно можеме се̍, заедно можеме многу повеќе'. Децата се сите исти, тие треба да живеат, да функционираат и да се радуваат заедно , а возрасните се тие што ги прават делбите. Симболично испративме 99 балони во небото за да ја одбележиме слободата и внатрешниот мир кој сите го заслужуваме и го бараме на крајот на денот. Голема благодарност до сите поддржувачи и до Зоолошката градина каде се одржа оваа убава детска дружба“, рече Гагачовска.
За присутните дечиња имаше и пригодни паќетчиња со подароци.