2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Во „Ратка Маџунка“ опеана љубов од Пекмез Пазар

Април 18, 2022
Стара чаршија Битола Стара чаршија Битола

Компонирана пред петнаесетина години, а веќе се обнароди како да е староградска – нема слава во Битола, па и пошироко без да се испее „Ратка Маџунка“. Авторот Валентин Соклевски, најплодниот битолски текстописец, творец на педесетина песни во кои се споменува Битола, а се широко прифатени, открива дека во овој хит до некаде има и вистинска животна приказна.

 

Во песната е опеана љубов од периодот пред околу половина век, кога во Битола сѐ уште постоел Пекмез Пазар, па момчето моли „Немој Ратке, немој зборот да го враќаш, да го враќаш и да ме с’клдисваш, сиот Пекмез Пазар денот ќе го памти кога Ратка зборот ми го врати“.

 

„Во песната има дел реалност, а дел е креативна разработка на темата. Реалноста е љубовта помеѓу баба ми Ратка која правеше прекрасен маџун и слатко и дедо ми Ванѓел од Генимале, кој не можеше да замисли Ратка ‘зборот да го врати’. Музиката ја напиша Миодраг Неќак, а е дел од проектот ‘Еден ден во Битола’, вели Соклевски.

 

Има напишано и објавено преку 300 текстови, снимени на винил плочи, аудиокасети и на дискови со различни соработници и интерпретатори. Во педесетина од нив се споменува или се инспирирани од Битола, најголемиот дел обнародени до денес. Од популарната „Жаклина“ во 1990 во интерпретација на Цане Николовски и „Елита“, до „Две лири“ во 2014 по музика и аранжман на Николче Мицевски, а интерпретација на Каролина Гочева, со над 6,5 милиони прегледи на Јутјуб, има создадено многу текстови.

Тој е ненадминат текстописец на детските песни. Една третина од неговото творештво е наменето за децата, а меѓу нив големите хитови „Супер бабичка“, „Метро и жилет“, „Визба стара и гитара“, „Белчо црниот“, „Тетка Деса стјуардеса“ и други, изведувани на фестивалите Сидо, Златно славејче, Конзули, Тралала, Мегабит и други. Ова се песни кои во Битола на седенките се пеат заедно со староградските. Со триесеттина текстови во соработка со Миодраг Неќак како автор на музика учествувал и во познатата телевизиска серија за деца „Здраво генијалци“ во продукција на Панде Димитровски и МРТВ, како и со дваесет текстови во телевизиската серија за деца „Дајте музика“.thumbnail 1

„Битолските приказни се мои приказни, менталитетот е дел од мене, битолските обичаи, песни и традиции живеат во мене, така што Битола и битолчани се мојата вечна тема. Во Битола песната си е како дома, како гулаб што си седи во гнездото, на моменти ќе се разлета да го види светот, да се поигра со сонцето, високо во небото, со ветрот и ќе се врати. Песната е битолски гулаб….нека лета“, вели Соклевски.

Твори уште од детството кога пишувал стихотворби кои не нашле на подршка од уредувачите на училишниот весник и едноставно останале во неговите тетратки. Во средното образование комбинирал текстови со музика, но тогашните битолски музичари му велеле дека тешко е да се сними песна. По отслужувањето на воениот рок, првите текстови и песни ги објавил на носач на звук во соработка со Стојан Трајковски и Тоде Мицевски, членови на групата „Пелагониски бисери“ на нивната лонг плеј плоча во 1987. Потоа следеле песни на фестивалите во Валандово, Макфест, Сидо. Инспирацијата не прашува кога доаѓа, па вели дека има пишувано песни на маса со другарите, на салфетки кај „Бомбата“, на улица, дома, со еден збор – секаде.

„Најважна е искрата, оганот ќе се разгори од неа. Моја основна инспирација била и е човекот, неговите емоции, душевниот трепет испеан во еден стил близок на народната традиција, култура и фолклор“, вели Соклевски.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани