АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во градот на народните херои Стив Наумов, Тодор Ангелевски, Елпида Караманди нема место за еден Ванчо Михајлов, порачаа од Левица на протестот за слобода на Ламбе Алабаковски што денес се одржа во Битола.
„ Бараме отфрлање на кривичната пријава поднесена против Ламбе Алабаковски. Бараме итно процесуирање на кривичната пријава на Левица против претседателот на клубот „Ванчо Михајлов”, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Се ова е провокација за битолчани. Испраќаме апел да се борат против новиот фашизам“ , рече Горан Велевски од Левица- Битола.
На протестот присуствуваа стотици битолчани кои вееја претежно знамиња со сонцето од Виргина, а имаше и по некое со црвената петокрака. Беа истакнати транспаренти кои го величеа делото на народните херои од Битола, како и транспаренти со кои се бараат права за македонското малцинство во Бугарија. Некои носеа и маици со натписи „Ќосето“. Присутните скандираа „Никогаш Северна, само Македонија“, „Уа, предавници“, а некои ги искинаа сликите на премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски и поранешниот бугарски премиер Ѓорги Димитров кој на времето го одобри пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Македонија.
Говорниците на протестот обвинија дека денес бугарската влада дава пари и купува ветер зашто народот со пари не се купува и дека успеаја да купат само пет- шест колаборационисти.
„Во градот на Стив Наумов, Ѓорги Наумов, на Таки Даскало, Елпида Караманди, Тодор Ангелевски, народни херои кои ги положиле животите во борбата со фашистичкиот бугарски окупатор, денес гледаме како актуелната власт дозволува да биде отворен клуб кој носи име на прокламиран фашист. Не убевдуваат дека треба да молчиме , да не паѓаме на провокации. Молчевме кога ни го менуваа името , кога се релативизираа АСНОМ и НОБ, да молчиме кога ги распродаваат националните интереси и денес да молчиме, до кога ќе молчиме?“, рекоа од Левица на протестот.
Ламбе Алабаковски, кој пред неколку месеци се врати од Австралија во Македонија е осомничен дека го потпали бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, поради што е притворен, а и сам го признал делото. На протестот се побара слобода за него зашто според присутните, делото го направил од патриотизам.