
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Стефан Бошков, внукот на народниот херој Стив Наумов си ја бара назад виолината која во октомври лани му ја отстапи на Завод и Музеј Битола, како експонат изложена и достапна за посетителите во обновената Спомен куќа на Стив Наумов во Битола. Бошков испрати писмо до АПЛА.мк два дена по смената на доскорешениот директор Зоран Николовски од челната позиција во Завод и Музеј Битола и назначувањето на нов директор. Внукот на народниот херој бил задоволен како Николовски се грижи за виолината. Оттука Бошков бара виолината да му се врати во најкраток можен рок, и вели дека овој музички инструмент е спомен од народниот херој за фамилијата и за нив има непроценлива вредност.
Од пред два дена ликовната уметница Маргарета Спасов е именувана за директорка на Завод и Музеј Битола со решение на министерот за култура Зоран Љутков.
Писмото на Стефан Бошков испратено до АПЛА.мк ви го пренесуваме во целост.
НУ ЗАВОД И МУЗЕЈ – БИТОЛА
ДО Директорката Г-ѓа М.Спасов
Битола 04.07.2025
Почитувана,
Пред девет месеци, непосредно пред отворањето на музејот-“Спомен куќа на Народниот херој Стеван Наумов –Стив“, по упорното настојување на г-дин Зоран Николовски да пронајде некој предмет или експонат директно и лично поврзан со Стив, (со тешко срце, имајќи го предвид искуството што го имав со овој музеј од првото отворање до денес, кога исчезнаа некои лични предмети на Стив) се согласив да му ја дадам виолината на Стив, која е моја сопственост, заедно со футролата и гудалото.
Се разбира потпишавме договор и направивме реверс за примопредавање. Најпрво договоривме виолината да ја предадам без футрола и гудало и откако веројатно се утврди дека оргиналните футрола и гудало или ги нема или се тотално уништени, ( не знам точно), ја предадов комплет со се.
Покрај писмениот договор, детално, лично, усмено се договоривме за начинот на чување и одржување на виолината, бидејќи се работи за нежен инструмент кој за мене, разбирливо, има непроценлива вредност.
Имав голема доверба дека г-дин Николовски, не само како извонреден интелектуалец и познавач на музејските работи, туку и на музиката и другите уметности, ќе се однесува со почит кон оваа виолина.
Така и беше.
Г-дин Николовски во целост се придржуваше на договорените услови.
Сега кога г-дин Николовски не е повеќе директор, фактички се променија околностите.
Затоа Ве молам да ми ја вратите виолината во најкраток можен рок.
Точно е дека договорот е заклучен со рок на една година, но договорените лични усмени услови меѓу него и мене не важат повеќе.
Молам за Ваше разбирање. Ви честитам на изборот за директор.
Поздрав Бошков Стефан ул. „Илинденска“ 69 Битола тел. 070 237 698