АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Половина Балкан деновиве е преокупиран со Преспа, а на македонската страна од Преспанското Езеро е мирно и спокојно. Жителите си ги извршуваат секојдневните работи и не сакаат многу да коментираат околу тоа дека по потпишувањето на договорот за името во грчкиот дел на Преспа, државниците ќе дојдат да ручаат на македонска страна.
„Никој не ни кажал дека тука баш кај нас ќе биде. Нема што да кажеме, најдете некој постар, тој повеќе се разбира од политика“, ни рекоа помлади жители од преспанското село Царев Двор.
Постарите пак, велат барајте помлади.
„Што знам јас од политика сега. Јас во времето на Титова Југославија бистрев политика, а сега не гледам ни телевизија, ни радио слушам“, ни рече Блаже Најдовски од село Волкодери.
Друг жител од Царина, кој на себе носеше блуза на која пишуваше „За живот во Македонија“ рече дека никој не би сакал да го даде името, но мора да се мисли за иднината на Македонија.
„Ете, мојот син не замина во странство, не извади бугарски пасош. Тука е со мене, сади јаболка. Од тоа живееме. Сакаме цената на јаболката да биде европска, да нема бариери при извозот, да живееме и ние како другите во Европа. Досега дај ги јаболката, а дел од прекупувачите укради ни ги парите. Ни закон ги фаќа, ни ништо, сакаме европска држава со правда“, ни рече Миле Цветановски.
Гастарбајтерот Симе Јаневски пак, се лути за тоа што власта го изгнорирала ставот на дијаспората.
„Иселениците јасно кажаа дека се против промената на името. Но, никој не нѐ слуша. Ќе има нови протести“, вели Јаневски.
Жителите нагодуваат каде би можело да одат политичарите по потпишувањето на договорот во македонскиот дел на Преспа. Туристички населби каде има ресторани, зашто најавен е и ручек на дипломатите, се Отешево, Претор, Сливница и Стење.