АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Договорот за името денес ќе биде потпишан во село Нивици (Псаридис) во Грција на брегот на Преспанското Езеро. Потпис на договорот за решавање на долгогодишниот спор со името ќе стават шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Со договорот официјалното име за севкупна употреба на земјава ќе биде Република Северна Македонија.
По потпишувањето следуваат изјави, а потоа двете делегации се префрлаат на македонската страна од границата, во Отешево, каде што е предвидена официјална средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на двете делегации и заеднички ручек.
Се очекува делегациите од грчка на македонска страна да преминат по воден пат, односно со брод или глисер. Во случај времето да биде лошо, постои и резервен план, кој не се открива во јавноста. Ручекот се очекува да биде во единствениот угостителски објект со кој располага Отешево.
На церемонијата е предвидено и присуство на високи претставници на меѓународната заедница, високата претставничка за заедничка надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
На триесетина километри од Преспа, во Битола, денес ќе се одржи голем протестен марш во организација на ВМРО-ДПМНЕ против промената на името. Централниот комитет на партијата, договорот го оцени како акт на пораз и уште еднаш порачаа дека нема да дозволат уставни измени со цел промена на уставното име. Протестниот марш започнува во 13.30 часот пред Спортската сала „Младост“, народот ќе се движи низ Широк Сокак, па се до плоштадот Гоце Делчев.