АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
И 80 години по смртта на народниот херој Стив Наумов (1920-1942), кој загина во нерамноправна борба со бугарската полиција на денешен ден во 1942 година во ресенското село Болно, не е познато каде е неговиот гроб. Иако на партизанските гробишта во Битола му е поставен надгробен споменик, остана енигмата каде е неговото почивалиште. Истата судбина ја дели и неговиот соборец, народен херој и поет Мите Богоевски (1919-1942), со кого заедно загинале.
„До денес, иако сме барале, гробовите на Мите и Стив не се познати. Има некои теории, кои не се потврдени. Но, каде и да им се телата, тие се во Македонија“, рече Стефан Бошков, вкукот на Наумов и актуелен претседател на Сојузот на борци од Битола, на денешното чествување на 80-годишнината од смртта на херојот.
Во 1940-ите Наумов бил избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ во Битола. Неговото семејство раскажува дека ден по германската окупација, веднаш дал наредба за собирање оружје, храна и санитетски материјал, за да се подготват за оружена борба. Го организирал формирањето на битолскиот партизански одред „Пелистер“ во април 1942 и учествувал во формирањето на битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 над ресенското село Златари.
„Во септември 1942, партизанскиот одред заминал од Болно. Останале само Стив и Мите, со задача ако уште некој дојде да ги примат во одредот. Но, биле предадени и опколени од бугарската полиција, која мислела дека таму ќе биде целиот одред. Мите заминал кон долната страна од коријата, а Стив кон горниот дел, за да се пробие кон Јанковец. Прв загинал Мите, кој бил погоден со куршум во главата. Стив се борел додека имал оружје, но откако останал без куршуми, си го одзел животот со последната бомба што ја имал“, раскажа Бошков.
Но, ни мртви не им дале мир.
„Утредента ја викнале сестрата на Мите, која ги препознала телата. Ги закопале привремено во блиската шумичка, а потоа ги откопале и ги чувале крај реката уште некој ден. Потоа ги однеле во непознат правец, веројатно од страв дека нивните гробови ќе станат светилиште на партизанското движење и народот, зашто и двајцата биле легенди на Битола и Преспа“, додава Бошков.
Постојат претпоставки дека телата им биле запалени кај селото Ѓавато. По ослободувањето, и двајцата биле прогласени за народни херои.
Историчарот Александар Литовски го истакнува податокот дека Наумов се спротивставил на решението на Методија Шаторов-Шарло за поврзување на македонската партиска организација со Бугарската комунистичка партија.
Во Битола, градот кој дал осуммина народни херои, и по осум децении жив е споменот за сите нив. Денеска пред споменикот на Наумов кај Офицерскиот дом, во организација на Сојузот на борци, беше положено цвеќе, а ученици од „Елпида Караманди“ читаа поезија од Богоевски и Шопов.
Ивор СДК.МК