2win800x200

Борците ја добија битката против бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, комисијата констатираше дискриминација

Октомври 14, 2022

БИТОЛА – Името на бугарскиот клубот во Битола „Ванчо Михајлов“ е закана за целата држава, а ние како потомци на борците од НОВ не сме имале лични закани од тнр. „Македонски  Бугари“,  вели Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борци од Битола, по чија претставка постапи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

 

„Лични закани од основачите и членовите на Бугарскиот клуб во Битола немавме, но самото име на клубот ‘Ванчо Михајлов’ е закана за целата држава, за сите Македонци,  оти знаеме кој беше Иван Михајлов, како делуваше. Затоа ќе потенцирам, отворањето на клубот ‘Ванчо Михајлов’, го чувствувам исклучително навредливо, ама очигледно некој во оваа наша држава замижа на таа работа. Лично сметам дека согласно законот, клубот на Бугарите во Битола не требаше да добие дозвола од Централниот регистер, а во исто време и на Министерството за правда не му требаат ни комисии, ни советодавни тела за да спречат едно вакво име на културен клуб. Значи и однесувањето на државните институции е исто така навредливо за нас“, вели Бошков,  кој е внук од сестра на народниот херој Стив Наумов во разговор за „Независен“. 

Денеска се објави извештајот на КСЗД по претставката на Сојузот на борци за отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, при што комисијата утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на бугарскиот културен центар во Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на здружението да врши дејствија спротивни на законот.


Оттука, Бошков вели дека е чиста провокација од страна на основачите на клубот да го постават името на Ванчо Михајлов, а притоа клубот да го регистрираат како културен клуб.

„Имаат Бугарите толку добри поети, па ни едно од тие имиња немаше да ни пречи, и немаше да се чувствуваме навредливо. Но, очигледна е провокација, бидејќи истото го прават и со охридскиот бугарски клуб со името ‘Цар Борис Трети’. Еве на пример, зошто не го поставиле името на поетот и револуционер Христо Ботев, сме го изучувале неговото дело. Никому нема да му пречеше името на Ботев? Меѓутоа, провокација е намерна со името на Ванчо Михајлов, ама тоа не нѐ чуди, со оглед на фактот кои се основачи на клубот во Битола, кои се првите луѓе, до кога беа Македонци и како станаа Бугари“, нагласува Бошков и напоменува дека битолчани како граѓани никогаш немале проблеми со Бугарите кои живеат во Битола или со оние кои се во мешани бракови со Македонци. Но, како што вели овие „Македонци со бугарска самосвест се како некоја нова нација“.

Бошков вели дека е задоволен од работата на Комисијата и денешниот извештај и очекува клубот „Ванчо Михајлов“ да постапи по препораките.

„Или да се затвори клубот или да се смени името на клубот, да биде културен клуб, а ваков како што е, едноставно кажано веќе не смее да постои. Кажете ми како може и понатаму во центарот на Битола да опстојува клубот ‘Ванчо Михајлов’,  а на само стотина чекори од него да имаме споменик на борците од НОВ и илинденците? Можно ли е овие две работи да ги има во центарот на Битола?“, нагласува Бошков.

Од бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола за „Независен“  велат дека досега не го добиле официјално целосниот извештај од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, туку само прочитале дел од она што било објавено во медиумите. Ѓеорги Црномаров, еден од првите луѓе на клубот, вели дека со правната служба ќе го разгледаат извештајот, па ќе одлучат што понатаму.

Инаку клубот „Ванчо Михајлов“ на улицата „Рузвелтова“ во центарот на Битола е секој ден со отворени врати, а во него главно се движат членови на клубот. Вчера при посетата на „Независен“ во клубот беа неколкумина членови, а меѓу нив и етнички Албанци. Заедно дента примаа донација од историски книги од Бугарија.

Во клубот воглавно се разговара за историја, велат тие.

Членовите кажаа дека пред две недели ставиле нов натпис на клубот кој беше опожарен на почетокот на јуни. Санирани се штетите од пожарот на влезната врата. Околу пресудата на Основниот суд во Битола за потпалувачот, со која пејачот Ламбе Алабаковски доби условна казна, од клубот велат дека нивната правна служба подготвува реакција на судската одлука.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани