2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Битолчани бараат чешмата убиец да се затрупа или да се извади на површина

Октомври 27, 2022

„Опасно по живот“ е испишано со спреј во боја на ѕидот над чешмата каде се испушта смртоносен гас, од кој вчера загинаа двајца битолчани. Ова е единственото предупредување да не се полни вода од овој озлогласен извор во месноста Кисела Вода во атарот на село Бистрица, Битолско. Пред јамската чешма има дрвена ограда со затворено катанче, но на неа виси и клучот, па може секој слободно да стигне до изворот и да наполни вода. Друга табла или предупредување не се поставени. Ден по смртта на двајцата браќа А. Н. (68) и К. Н. (63) од Битола кои се угушија кај чешмата во Кисела Вод,а и денес уште се чувствуваше присуство на гас кој зашеметува дури и во околината на чешмата.

Од Општина Битола одговорија дека претходно го имале обезбедено просторот кај изворот со поставување челична мрежа и табла за забрана за слегување и полнење на вода.

„Во моментот, истите се отстранети од непознати причини. Кој и зошто ги отстранил, потребно е да биде проверено од надлежните институции. После вчерашниот несреќен случај, за кој Општина Битола изразува големо жалење, повторно ќе биде поставено соодветно предупредување за опасностите кои постојат на ова место, а имајќи ја предвид законската регулатива, Општината ќе се обрати до сите надлежни државни институции за институционална координација во решавањето на овој сериозен проблем“, одговори Општината.

Од другите инстутуции кои ги контактиравме, како Завод за здравствена заштита и Агенција за храна, рекоа дека не е во нивна надлежност да поставуваат во вакви случаи.

На цела Битола ѝ е познат овој феномен, дека повремено се испушта гас кој убива зашто чешмата е десет сакалички спуштена под земјиното ниво и гасот е потежок, па останува долу без можност за проветрување. Сепак, има битолчани кои и понатаму го ставаат животот во ризик и таму полнат вода за пиење.

„Дестина души знам полнат вода таму. Ако не дишеш можеш да влезеш внатре. Ако има гас лути в очи, штом лути бегај, не влегувај. Показателот е тој. Да влезеш без дишење. Овие двајцата браќа што починаа идеа еднаш неделно. Познато им беше дека испушта гасови водата одвреме навреме, не постојано. Пред еден месец друго лице се задуши. Во последните 3 години чешмата има одземено 4 животи“, вели Иљо Илиевски, домар на црквата во Сребрена Вода која се наоѓа во близина и каде водата е исправна за пиење и нема гасови.

Други битолчани, за да испитаат дали има присуство на гас кај чешмата кога слегуваат палат запалка, ако пламенот гасне, заклучуваат дека долу нема кислород. И покрај цела опасност која демне, сепак има луѓе кои веруваат во лековитите својства на водата и ја полнат во шишиња, па ја чуваат. И денес до чешмата имаше шичиња за вода кои веројатно останаа од битолчаните што починаа вчера.

Чешмата е на приватен имот каде се обновува прочуената битолска кафеана од минатиот век „Кисела Вода“. Но, изворите остануваат во државна сопственост. Минувачи ни рекоа дека чешмата едно време била затворена со катанец, но имало луѓе кои се лутеле, па бил оставен и клучот.

Во минатото, чешмата беше поплитко поставена и до неа се стигнуваа само неколку скалила, па гасот се ветрееше. Но, потоа беше поместена наназад и подлабоко во земјата, по што има одземено над 10 животи. Меѓу починатите се и двајца матуранти кои слегле да наполнат вода.

Битолчани кои имаат вили во месноста Кисела Вода бараат чешмата да се дислоцира, затрупа или да се извади на површина. „Треба да се ископа канал и да се пуштат цевки надолу и низ нив ќе излегува гасот за кој претпоставуваме дека е јаглероден диоксид во поголеми концентрации. Тоа е инвестиција со ситни пари, еден липкер за два часа ќе ја среди работата“, велат жителите.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани