АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Далматинската клапа „Батуда“ ги воодушеви битолчани со нивната а капела изведба на концертот што по повод Божиќните и Новогодишните празници го организираше Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ во Центарот за култура во Битола. Со моќноста на вокалите и умешната интервалска изведба на далматинската клапска музика, клапата докажа дека не попусто го носи името на најмоќната песна Батуда на птицата грделин која е препознатлив белег на Далмација. Клапата изведе далматински песни од „Очи боје лаванде“, „Коме би шумило море моје сиње“, па песни со религиозен карактер, се до популарните „Нечу зору преспавати“, „Кад ми доџеш ти“ од Оливер Драгоевиќ... А на крај битолчани ги почестија и со „Битола мој роден крај“.
На концертот присуствуваше и хрватската амбасадорка Нивес Тигањ која рече дека Хрватска има повод да слави со оглед на тоа дека влезе во Шенген зоната и во полуфиналето на Светското првенство во фудбал. Амбасадорката уште додаде дека клапската песна е заштитена како нематеријално богатство на Хрватска од страната на УНЕСКО.
Пред присустните се обрати и градоначалникот Тони Коњановски кој рече дека со влезот на Хрватска во полуфинале ќе имаме за кого да навиваме, а дека како држава го следиме нивниот напредок со цел еден ден да бидеме заедно во европското семејство.
Претседателот на „Марко Марулиќ“, Бранко Маретиќ, рече дека здружението опстојува 28 години и пред Новогодишните празници редовно организира концерт на клапска музика од Хрватска. Тој уште додаде дека Хрватите во Македонија се богати зашто имаат две татковини: онаа од каде потекнуваат- Хрватска и онаа каде живеат- Македонија.
Клапата „Батуда“ доаѓа до општината Дуги Рат која излегува на Јадранско море и се сместена во близина на Сплит.